Ружин: Мицкоски не се откажува од старите кадри, што во Македонија е во ДНК на сите партии

од Nikola Popovski
853 прегледи

Македонија е мала држава и ограничен е бројот на кадрите на кои што можете да сметате. Премиерот Христијан Мицкоски се повикува на лојалноста, искуството, одговорноста, експертизата на овие луѓе кои што подолго време се во политичкиот и општествениот живот на државата, вели во краток разговор за „Локално“ професорот и поранешен амбасадор, Нано Ружин за новите кадри кои Владата ги назначи како директори и раководители во дел од државните институции и јавните претпријатија. Меѓу првите назначени функционери, барем половина се веќе добри познати лица за јавноста, како некогашни директори, пратеници, градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски.

Според Ружин, премиерот на овој начин сака да покаже дека не се откажува од средните и старите кадри, што во Македонија е во ДНК на сите партии бидејќи смета дека овие луѓе го заслужиле тоа со својата политичка позиција и придонес.

-Секако дека постојат млади луѓе кои што исто така очекуваат одредена компензација, но времето ќе го покаже тоа, наведува професорот.

Пред Мицкоски, додава Ружин, се четири години и тука смета не би имале никаква политичка неодговорност или политичка критика за нешто што навистина не може да се критикува.

-Да ја видиме прво нивната работа и чесност, па после тоа да зборуваме дали биле добар или лош избор, истакна соговорникот.

Владата во вторникот ја одржа втората седница на која се донесоа повеќе одлуки, меѓу кои одлука за укинување на економските директори на Клиниките и одлука за именување на раководни кадри на пет државни институции. На позицијата ВД директор на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони е назначен Гоце Димовски.

Владата го назначи и Александар Пандов за нов ВД директор на Управата за извршување на санкции. Пандов е дипломиран историчар на Институтот по историја на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Бил пратеник во македонското собрание од 1998 до 2002 година. Пандов има работно искуство во приватниот сектор.

За ВД директор на Фондот за здравствено осигурување, владата го назначи Сашо Клековски. Клековски завршил Медицински факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и МБА академска програма на УАЦС. Тој има триесет годишно искуство како менаџер, аналитичар, консултант во јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор.

Назначен е и Оливер Миланов за ВД директор на Агенцијата за храна и ветеринарство. Миланов завршил Стоматолошки факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Миланов има работно искуство во делот на безбедност на храна, а доаѓа од позицијата ВД раководител на Секторот за храна од неживотинско потекло во Агенција за храна и ветеринарство.

Ивица Томовски, некогашен директор на ЕЛЕМ турс од времето на Груевски, од неодамна стана директор на Службата за општи и заеднички работи, додека за генсек на Владата веќе е назначен Игор Јанушев.

И Златко Перински, некогашниот шеф на кабинет на Мицкоски и човек заради кој „пукна тиквата“ меѓу Мицкоски и градоначалничката Данела Арсовска, исто така во времето на владеење на Груевски имаше функција и со години беше директор на Спортскиот центар Борис Трајковски.

ВМРО-ДПМНЕ ја партизира државата со враќање стари кадри, оценуваат од СДСМ. Портпаролката на партијата Богданка Кузеска, вчера на прес-конференција рече дека, доколку се анализираат кадровските решенија што во првата фаза ги назначила Владата, „очигледно е дека Христијан Мицкоски посегнува по стари кадри“.

Со назначувањето на в.д. директори, како што истакна таа, Владата ја заобиколува неопходната процедура за избор на директори.

Според Кузеска, со Фондот за здравство ќе раководи Сашо Клековски, „кој, иако е лекар, никогаш не работел во здравството“, а на директорското место во Управата за извршување санкции е назначен Александар Пандов, „кој е дипломиран историчар и нема соодветно образование и искуство во областа“.

Н.П.

Слични содржини