На три години од војната во Украина пред Советот за безбедност на ООН се најдоа две резолуции кои беа усвоени. САД повикуваа на брз крај на конфликтот и траен мир меѓу Украина и Руската Федерација. На резолуцијата беше коспознор и земјава, во која се користеше помалку критичен јазик за руската инвазија, а не на предлогот којшто го поднесе ЕУ. Сепак Македонија гласаше „воздржано“ на втората руско-европска резолуција што донесе зачуденост. Со тоа, само ние и Белорусија од европските земји не дадовме поддршка. Освен САД и Русија против оваа резолуција беа земји како Буркина Фасо, Бурунди, Централноафриканската Република, Демократска Република Конго, Екваторијална Гвинеја, Еритреја, Нигер, Мали…
За професорот и поранешен амбасадор во НАТО, Нано Ружин, светот минува низ период на длабоки трансформации забрзан со изборот на Доналд Трамп, но, вкоренет во постепениот развој во текот на претходните години.
-Ерата на Студената војна заврши и остапи место на драматични пресврти, нови услови и нови вредности. Во 90-тите можевме да зборуваме за крајот на историјата која се совпадна со крајот на геополитиката која беше истисната во втор план, а ОН се издигна како висок авторитет. Тоа е домен кој што можеби тешко ќе се достигне во следните десетина години. Сега овој пост-глобален свет ни носи интересни изнедувања и непредвидливи лидери и државници. Доведе до тоа цели региони како што е и Западен Балкан да живеат во еден многу понесигурен свет и меѓународни односи, а тоа се однесува и на Македонија, вели тој во разговор за „Локално“.
Анализира дека порастот на десничарските сили во Западна Европа е евидентен и доколку Европа не изгради една кохерентна политичка филозофија која ќе ја разбуди нејзината досегашна резерва и слепило кон тоа што се случува во останатиот свет, може да се случат непредвидливи последици. Смета дека светот веќе не е поделен меѓу Истокот и Западот туку меѓу еден Југ и еден глобален ентитет надополнет со Истокот-нешто невидено во историјата.
-Сосема друга реалност. Кина и Индија се наметнуваат. Во таа насока, секако дека овие држави ќе играат клучна улога во овој нов современ свет и ЕУ и целиот Запад ќе се најдат во еден пасивен фактор кој што ќе ги трпи тие последици.
Со доаѓањето на чело на Трамп, кого некои наши аналитичари неоправдано го навредуваа…Тој е итар и мудар лидер и поаѓа од тезата дека неговиот можен најголем непријател е Кина и затоа неговата политика оди кон тоа да ја отргне Русија од Кина. Санкциите на ЕУ и европските лидери доведоа до тоа, во некои аспекти, доаѓа до приближување и вклучување на Кина и Индија заедно со Русија во геополитичката војна. Затоа Трамп влече непопуларни потези на надворешната политика кон Украина и приближување со Русија, за практично да го извади Путин од изолацијата. Тој поаѓа од фактот дека Украина не ги почитувала Договорите од Минск и дека само времето работело за нив. Можеше да се најде мировна формула и денеска Луганск, Херсон и Донбас можеби ќе беа повеќе автономни, но, ќе останеа во рамките на Украина, потенцира Ружин.
Можеме да констатираме, додава тој, дека во такви формули на геополитички процеси, Балканот некако добива средишно место бидејќи Европа наметна размислување да се помрднува кон Исток и затоа гледајќи ја позицијата на Западен Балкан и Македонија, мислам дека е неопходно да дојде до редефинирање на нашите позиции во рамките на меѓународните односи.
-Срамежливо тоа се обидува сегашната власт да го направи, но, не треба да се заборави дека ние сме во една непријатна положба меѓу ЕУ и САД и не знам колку може таквата политика може да се тера со успех. Треба да се даде појасна позиција, но, секако многу ќе зависи од мировниот договор. Не сме држава која може да се истрчува со свои амбиции на надворешно-политички план, но, секако треба да ја следиме логиката на однесувањето на останатите сили. Убеден сум дека нема да дојде до такви тензии меѓу САД и ЕУ, истакнува дипломатот.
Ружин тврди дека сведоци сме како ЕУ сака да ја редифинира позицијата и да покаже дека се уште е силна, но, од друга страна го имаме непредвидлиот Трамп. За нас посочува дека треба да сме умерени во ривалитетот бидејќи во суштина САД и Европа се историски партнери и не би требало оваа поларизација меѓу нив да ја набљудуваме низ аспект на македонската политичка сцена.
-Треба да се редифинира, зборува, дебатира, а тоа за жал кај нас не постои од бројни причини. Процесот на проширување некако тивко продолжува, но, какви ќе бидат последиците никој не знае затоа што се зависи од мировниот договор во Украина. Сметам дека случувањата околу нас можат да бидат видени од два аспекти – еден негативен односно да останеме целосно маргинализирани од европските и светски движења во однос на членството во ЕУ и еден позитивен односно да прикажеме дека сепак сме мала држава со целосен мировен просперитет и градење на останатите вредности, заклучува Ружин.
Н.П.