С. Македонија доби 225,6 милиони евра грант за инфраструктурни и енергетски проекти преку ЕК

од Vladimir Zorba

РС Македонија денеска доби грант во вредност од 225,6 милиони евра од Европската комисија за поддршка на инфраструктурни и енергетски проекти. Како што објави ЕК средствата се одобрени во рамки на инвестицискиот пакет од 3,2 милијарди евра за зајакнување на поврзаноста на Западен Балкан.

Поддршката се однесува конкретно за кофинансирање на проектот за рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII – трета делница (Крива Паланка – Деве Баир, граница кон Р. Бугарија), за пречистителна станица за отпадни води во Скопје, за фотонапонска електрана Осмомеј, како и за проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици. Инвестициските грантови се одобрени во рамки на инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ,  а со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ), за што РС Македонија имаше поднесено апликации. 

Министерот за финансии Фатмир Бесими на средбата со еврокомесарите во Брисел, на којашто беше дискутирано за проектите, истакна дека станува збор за големи инфраструктурни проекти што имаат силна додадена вредност и се од големо значење за заздравувањето на економијата, како и за обезбедување енергетска стабилност.

Изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор VIII делница, Крива Паланка -Деве Баир, во должина од 23,4 км е од големо стратешко значење за државата. Вкупната инвестициска вредност на проектот изнесува 412,3 милиони евра за што преку ВБИФ инструментот се обезбедуваат 149,2 милиони евра.

Со изградба на пречистителната станица за отпадни води Скопје трајно ќе се реши третманот на отпадните води од градот Скопје, со што ќе се намали загадувањето на реката Вардар и ќе се подигнат стандардите за заштита на животната средина. Вкупната инвестициска вредност на проектот изнесува 136,7 милиони евра, при што од ВБИФ инструментот ќе се обезбедат грант средства во износ од 69,8 милиони евра.

Во делот на зелената агенда и преминот од електрична на соларна енергија од големо значење ќе биде реализацијата на фотонапонската електрана Осломеј и проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици. Изградбата на фотонапонската централа Осломеј ќе чини 8,8 милиони евра и истиот го финансира АД ЕСМ – Скопје со заем од ЕБОР без државна гаранција, во износ од 5,9 милиони евра,  ВБИФ инвестициски грант кој беше одобрен денеска во износ од 1,6 милиони евра и сопствени средства на АД ЕСМ во износ од 1,3 милиони евра.

За проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици со денешната одлука преку  ВБИФ инвестициски грант се обезбедуваат средства во износ од 5 милиони евра. Проектот опфаќа изградба на ФЕ Осломеј 2 со инсталирана моќност од 10 MW и ФЕ Битола со инсталирана моќност од 20 MW. Вкупната инвестициска вредност на проектот изнесува 25,5 милиони евра и истиот го финансира АД ЕСМ – Скопје со заем од ЕБОР во износ од 19,8 милиони евра, обезбеден со државна гаранција, ВБИФ инвестициски грант во износ од 5 милиони евра и сопствени средства на АД ЕСМ во износ од 0,7 милиони евра. 

Слични содржини