Јас навистина верувам дека оваа земја е дојдена до точка, кога треба да ја отвори вратата, да се втруне низ неа и да се движи напред кон својата посветла иднина, вели американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела П. Агелер во интервју за МИА.
На прашањето како да се пронајде излез од целокупната политичка ситуација внатре – корупција, нефункционален систем, поделено општество, блокадата на уставните измени кои се услов за продолжување на патот кон ЕУ, но и од влијанијата однадвор кои имаат цел да ги блокираат процесите кои водат кон прогрес, Агелер вели дека таа не би го користела терминот влез во вратата, која треба да води напред.
-Интересно е што го користите зборот „излез“, затоа што јас не го гледам тоа како излез, туку како врата што чека оваа земја да ја турне и да помине низ неа. Јас навистина го гледам тоа како влез. Можеби тоа е американскиот оптимист во мене, но јас навистина верувам дека оваа земја е дојдена до точка кога треба да ја отвори вратата, да се втурне низ неа и да се движи напред кон својата посветла иднина, а не да се заглавува во некакви негативни наративи кои доаѓаат од внатре во земјата и надвор од неа и верувам дека може да го направи тоа, одговара американската амбасадорка.