С. Македонија ќе добие 100.000 тони пченица од Србија

од Nikola Popovski
362 прегледи

Српската влада денеска ќе ја крене рампата за забрана за извоз на пченица и сончогледово масло за јадење за Македонија, информира министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Тој за медиумите изјави дека се очекува увоз на 100.000 тони пченица од нашиот северен сосед.

Во однос на реакциите на сопствениците на мелниците, Николовски информираше дека нивниот надзор покажал оти во март се потрошени 20.000 тони пченица од домашните силоси, што е и вообичаена количина на месечно ниво, а дека во силосите има уште 25.000 тони.

-Со пченицата што ќе стигне од Србија, нема да имаме никаков проблем во снабдувањето. Од друга страна, за два месеца ќе има нова жетва и сите прогнози се дека таа ќе биде успешна, рече Николовски.

Во врска со увозот на бугарска пченица што Николовски го најави од Берлин по средбата со бугарскиот министер за земјоделство Иван Иванов, дополнително, рече, ќе се договараат моделите и инструментите.

Тој информира дека следната недела ќе замине во Турција каде е планирано да разговара за дополнителни количини минерални ѓубрива кои ќе бидат потребни, нагласи, не за сега, туку за есенската сеидба.

Слични содржини