С.Македонија ќе го одбележи „Часот на планетата земја“ со еколошки мрак

С.Македонија 12. година во низа, се приклучува во одбележувањето на светската еколошка акција „Час на планетата Земја“, и оттаму на 27. март од 20:30 часот па еден час потоа 180 земји во светот и 7000 градови ќе бидат во мрак.

Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на порака за солидарност со проблемите со кои се соочува планетата Земја.

Со докази кои упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со КОВИД-19, оваа година преку светскиот едночасовен мрак ќе се алармира дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета.

И оваа година акцијата ќе биде одбележана виртуелно, со одржување на првата дигитална климатска конференција во Македонија, под мотото „Дали природата го возвраќа ударот?“

Освен официјалниот дел, во текот на конференцијата ќе биде презентирано и моќно вирално видео преку кое Часот на планетата Земја и Светскиот фонд за природа (WWF) ќе се обидат да испратат порака на надеж, како што успеавме да се прилагодиме да живееме и дејствуваме против пандемијата, на сличен начин да се обидеме да дејствуваме против уништувањето на природата.

Секако, останува моментот на едночасовно исклучување на осветлувањето, па така во мрак ќе потонат повеќе локации во градовите Скопје и Охрид, меѓу кои и претседателската вила Водно, Владата на РСМ, плоштадот Македонија, сите објекти и мостови по кејот на реката Вардар, скопската тврдина Кале, Порта Македонија, парковите во скопските општини Аеродром и Карпош, додека во Охрид меѓу најатрактивните се Самоиловите тврдини, кејот Македонија и црквите Света Софија, Плаошник и Канео.

Свое учество во акцијата најавија и Црвениот крст на РСМ, Сојузот на извидници, хотелите Мериот и Хилтон, трговскиот центар Капитол мол, салоните и управната зграда на А1 Македонија, цементарницата Усје и многу други.

Повикот за акција важи и за граѓаните, па ги повикуваме масовно да го исклучат непотребното осветлување и во своите домови.

Слични содржини