Премиерот Димитар Ковачевски, ја осуди одлуката на Бугарија да воведе транзитна такса за рускиот гас, кој се испорачува и за Северна Македонија, наведувајќи дека за тоа разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и дека Скопје е подготвено да се обрати и пред меѓународните судови.
Ковачевски, како што рече, ја информирал претседателот на Европската комисија при посетата на Скопје дека овие такси ќе предизвикаат поскапување на парното и струјата за 20 проценти во земјава и дека не треба да се воведуваат.
Бугарија пред две недели со декрет воведе данок од 10,76 долари за руски природен гас за 1.000 кубни метри руски природен гас испорачан преку територијата на таа земја преку гасоводот „Балкански тек“.
Министерот за енергетика, Крешник Бектеши исто така реагираше на најавените такси.
„Реагиравме и јас и министерот за економија. Јас преку претседателот на Европската комисија, тој преку надлежните дирекции и укажав дека оваа такса е нешто што не треба да се воведува. Целокупниот влез на гас во Северна Македонија на Газпром му го даде Бугарија, што значи дека таквиот надомест ќе предизвика зголемување на цената на струјата и парното кај нас и до 20 проценти“, рече Ковачевски.
Затоа, според него, Скопје побарало да се ослободат и други капацитети за да може Северна Македонија да набавува гас од други извори, кои нема да бидат руски и нема дополнително да се оптоваруваат со тие такси.
Тој рече дека се разговара и на ниво на ЕУ и со Бугарија за ослободување на таквите капацитети за Македонија.
Ковачевски потсети дека минатата година во преговорите со Европската комисија и Бугарија е постигнат договор за ослободување на капацитетите за набавка на гас што не е во сопственост на Газпром и изрази надеж дека ќе успее и годинава.
Во случај Бугарија да не се согласи со ослободување на други гасни капацитети за Северна Македонија, Ковачевски не ја исклучи можноста за тужба пред меѓународните судови.
Тој нагласи дека се работи за неправедно наметната такса која воопшто не е во согласност со пазарните принципи или со директивите на ЕУ.
Министерот Бектеши најави и дека доколку за Северна Македонија се воведе вонреден енергетски данок за рускиот гас што го добива преку бугарскиот гасовод, Скопје ќе побара од Бугарија компензација и дополнителна поддршка од ЕУ.