С. Македонија отворено ја поддржува иницијативата на Шведска и Финска за членство во НАТО, вели Ковачевски

од Nikola Popovski
219 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и премиерката на Република Финска Сана Марин, којашто е во еднодневна работна посета на нашата земја, одржаа заедничка прес-конференција на која ги презентираа споделените ставови за најважните прашања од интерес за двете земји и за унапредување на соработката.

-Северна Македонија ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО. Како премиер, уште за време на мојата посета на НАТО отворено ја поддржав иницијативата на Шведска и Финска за членство во НАТО. Се надевам на што поскоро членство и за двете земји, иако истовремено треба да се земат предвид сите загрижености на сите НАТО членки. Се надевам дека во најскоро време ќе се надмине застојот за апликација, за што од наша страна ќе дадеме целосна поддршка. Нашата Влада уште во мај даде согласност за прием на Република Финска и Кралството Шведска за членство во НАТО, изјавил Ковачевски.

Според премиерот, Финска е силен поддржувач на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

-Ние никогаш нема да го заборавиме инсистирањето и нивниот цврст став да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ во 2019 година за време на нејзиното претседавање со Европскиот совет.

Тоа беше силен пријателски гест од страна на Финска. Северна Македонија и денес е целосно подготвена за почеток на преговорите.

Нашето законодавство е 45% хармонизирано со законодавството на ЕУ. Европската Унија е нашиот најзначаен трговски партнер. Нашите извештаи покажуваат дека земјата прогресира на тој пат. Ние покажавме дека сме партнер од доверба и дека сме посветени на дијалог за изнаоѓање на вистинско решение кое ќе обезбеди деблокирање на процесот на преговори и евроинтеграции, истакнал Ковачевски на заедничката прес-конференција.

Слични содржини