С. Македонија слави три години членство во НАТО: „Влезот во Алијансата придонесе да се угаси буре барутот“

од Nikola Popovski
333 прегледи

Денеска, 27 март 2023 година, С. Македонија одбележува три години од членството во најголемиот воено-политички сојуз на светот, Северноатлантската Алијанса. Во вонредни околности, кога светот се соочуваше со Ковид пандемијата, в.д. амбасадорот на земјава во САД, Вилма Петковска во Вашингтон му го предаде оригиналниот документ на ратифакиција од Преспанскиот протокол за членство на помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија амбасадорот Филип Рикер. Трите години од пристапувањето ги дочекуваме во услови на воена агресија на европското тло – руската инвазија врз Украина која започна на 24 февруари минатата година. Определбата за евро-атлантско интегрирање на Република С. Македонија датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.

Нано Ружин

Колку е значаен денешниот датум и какви придобивки доби земјава во изминатите три години – одговараат за „Локално“ дел од експертите и актуелни политичари. Според поранешниот амбасадор и дипломат од кариера, Нано Ружин, денешниот датум можеме да го одбележиме со задоволство бидејќи остварени се огромни резултати во повеќе домени.

-Почнувајќи од геополитиката, во С. Македонија подобро се живее во смисла на тоа дека безбедноста на државата е зајакната во овие немирни времиња. Од една страна тоа е добра за самата држава, но и за целиот регион, бидејќи на тој начин е направен геополитички мост – Грција, Бугарија, С. Македонија, Црна Гора до Хрватска и Јадранско море. Имаме коридор кој што е значаен за нашите сојузници, вели Ружин за нашата редакција.

Според него, се очекуваат големи промени кои што се случија заради војната во Украина и претстои прерасподелување на економиите, односно нешто што се вика „НАТО економија“ – поддршка и помош доколку некоја од членките се најде во тешка положба, предизвикана од надворешни фактори.

-Преструктуирањето на странските инвестиции е значаен елемент. Според позициите на САД и ЕУ, инвестициите на земјите кои што не се сигурни, не се членки на Алијансата или покажаа дилеми и направија сојуз со Русија, целта е кај овие земји да се пренасочат овие инвестиции во пријателски и сојузнички држави. Очекуваме зголемување на директните странски инвестиции во нашата држава, потенцира Ружин.

Додава дека нашата дипломатија може да си дозволи да бидат меѓу највисоките луѓе од Алијанса, да дискутираат и разговараат, било да се работи за министри или премиер.

-С. Македонија е вклучена во Алијансата која што е за мир во Украина и се спротивставува на инвазијата. Ние учествуваме и солидарно со испраќање на оружје и авиони. Со оглед дека регионот се смета за „буре барут“, можеме да кажеме дека членството на С. Македонија во НАТО придонесува тоа „буре“ да се „угаси“ и да се маргинализира. Гледаме дека тоа што се случува во регионот и иницијативата на ЕУ и САД за дијалогот Приштина-Белград и да се надмине проблемот меѓу Скопје-Софија и да се среди состојбата во БиХ, е знак дека меѓународната заедница решила регионот да се среди во овој период и да нема изненадувања. Мислам дека постепено овој лош епитет ќе исчезне и ќе зборуваме за Балкан како дел од ЕУ, истакнува поранешниот амбасадор.

Мартин Костовски

На денешен ден пред 3 години, ги бетониравме своите државнички особености и она што значи синоним за една држава, особено на нестабилното тло на Балканскиот полуостров, смета пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски во разговор за „Локално“. Тој во разговор за „Локално“ вели дека кога на нашиот континент се води жестока војна, ние заедно со уште 29 сојузници во НАТО пактот, се стремиме секојдневно со личен и несебичен пример, да помогнеме на земја која што, како што тврди, е жртва на лудилото и агресијата на рускиот режим.

-Како членка на НАТО, имаме поповолна клима во делот на инвестициите во нашата држава – земја која што едноставно има сигурност, безбедност и перспектива. НАТО пактот допринесе државата да се изгради во вистинска смисла на зборот, како една мала држава со млада демократија, но сериозно поставена и вршејќи ја улогата на 30-та членка на НАТО, ни рече Костовски.

Пратеникот жали што се соочивме со ковид-пандемијата, која што на некој начин допринесе за забавување на инвестицискиот бум, со членството во НАТО.

-Нашата пазарна економија и економски политики, соодветно и навремено се потрудија нашите граѓани да не ги почувствуваат негативните последици, како од пандемијата, така и од економската и енергетската криза. Стапката на невработеност е на историски најниско ниво и сите оние економски политики што ги води Владата, се увертира за уште поголема стапки на директни инвестиции и со самото тоа развој на нашата економија, посочува Костовски.

Тој е дециден дека нашиот влез во НАТО помогна за безбедноста на државата.

-Апсолутно членството во НАТО не заштити од можен конфликт. Начелото „еден за сите, сите за еден“ многу значи за регионот. Имаме среќа што граничиме со три земји членки на НАТО – Грција, Бугарија и Албанија. Се надевам дека во наредниот период уште повеќе со овие три наши сојузници ќе ги развиваме безбедносните, економските, социолошки и секаков вид на односи. Де факто и де јуре, членството во НАТО многу придонесува за стабилноста и безбедноста на секоја една држава, објасни Костовски.

Н.П.

Слични содржини