САД ќе ја дополнува ЦРНАТА ЛИСТА: „Се очекуваат звучни имиња кои го попречуваат развојот на Македонија“

од Nikola Popovski
324 прегледи

САД имаат неколку видови на списоци со санкции кои се динамичен и тековен процес бидејќи корупцијата е секојдневна и има многу форми. Верувам дека во следните неколку месеци ќе видиме едно или две имиња и тоа ќе биде процес кој ќе продолжи. Вака вчера најави американската амбасадорка во земјава Анџела Прајс Агелер. Според неа, корупцијата во Македонија постои одамна и не е проблем што може да се реши за неколку месеци. „За време на мојот амбасадорски мандат, имам за цел да гарантирам дека јас и мојот тим ќе направиме се што е можно за да ја зголемиме довербата на граѓаните на Северна Македонија во правосудниот систем. Ќе направам се што е во моја моќ тоа да се случи“, потенцирала Агелер.

Алберт Муслиу

Ваквите охрабрувачки изјави повторно предизвикаа реакции во јавноста, како пред неколку месеци кога беше соопштено дека во земјава пристигнал американскиот тим за санкции за поагресивно да истражува корупција кај поранешни, но и кај актуелни функционери. За дел од експертите изјавите од претставниците на Вашингтон не се политиканство, туку решителност како да ѝ се помогне на државата. Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, „Американците да правеа политиканство како нашите ќе напишеа 20 имиња таму и што кого ќе го фати“.

-Фактот дека сериозно му приоѓаат на овој процес значи дека ќе ги стават во тој список лица кои сериозно му штети на демократскиот развој на државата и ја оневозможуваат борбата против корупцијата. Со текот на времето треба да видиме дали на црната листа ќе бидат само корумпирани политичари или тие кои им помагаат. Верувам дека тоа што ќе го извадат како список ќе соодветствува со вистината што е тука кај нас, вели Муслиу за „Локално“.

Тој очекува звучни имиња да бидат додадени на црната листа на САД во следните неколку месеци.

-Не верувам дека една сериозна држава ќе се занимава со маргинални личности, туку личности кои го онезвозможуваат процесот. Тие ќе бидат на таргет. Тоа се случувало и во соседните држави. Да беше до правосудните органи во земјава, ќе се занимаваа и со сите криминалци, оценува соговорникот.

Потенцира дека американскиот тим и самата амбасадорка сериозно му пристапуваат на процесот.

-Ако некоја држава е потврдена со владеење на правото, тогаш се САД. Така да тие паушални изјави и ставови дека преспоро се одвива истрагата на американскиот тим, не се точни. Кај нас процесот реално оди споро, но мислам дека и од нивна страна треба оптимистички да се гледа кон тоа што се приклучуваат. Мислам дека самото нивно вклучување многу политичари ќе ги обесхрабри да влезат во коруптивниот циклус, а многу други ќе ги насочи кон лицето на правдата, истакнува Муслиу.

На прашањето дали бавните резултати од истрагата се поради уставните измени кои треба да се случат, аналитичарот вели дека ние имавме трауматично искуство со претходните уставни промени.

-Мислам дека овој пат ќе биде сето тоа обезбедено на друг начин. Не би ги поврзал уставните измени со бавните реформи во правосудството, туку би ги поврзал со немањето доволна политичка волја кај сите политички чинители. Вие ако извадите битен закон за реформите во правосудството и ако некој ви го блокира тоа, џабе му е на мнозинството добрата волја. Партиите треба да покажат добра политичка волја и поголема посветеност за целиот процес да се забрза, ни рече Муслиу.

Агим Јонуз

За разлика од него, аналитичарот Агим Јонуз смета дека воопшто не се стега обрачот околу корумпираните политичари во земјава затоа што, како што тврди, и досега имавме личности кои се на црната листа на САД и мува не ги лази.

-Ставањето на црна листа и недозволувањето да се патува во Америка е најблагата можна форма која што може да постои. Можат да излезат имиња кои би претрпеле бламажа, но дека сето тоа би имало некаков ефект на целата ситуацијата, тоа е апсурд, порачува Јонуз за „Локално“.

Соговорникот не верува дека ќе има имиња на црната листа кои веќе не фигурираат во јавноста како контроверзни.

-Значи доколку има некаква спектакуларност, тоа би било сериозно удирање кон јавната сцена. Подготовката за такво нешто не дава до знаење дека ќе има звучни имиња, освен кои веќе фигурираат како луѓе на тапет, посочува Јонуз.

За изјавата на Агелер дека проблемот со корупцијата во земјава не може да се среди за неколку месеци, аналитичарот смета дека е политички јазик и тоа само подразбира политика заради политика.

-Доколку Американците навистина сакаат нешто да се преземат, имаат механизми и можности да направат сериозни промени во политичкиот свет во Македонија. Мислам дека ова е чиста дипломатска фразеологија што дава до знаење дека нешто работиме, а всушност не работиме ништо, објаснува тој.

Во однос на тоа дали процесот на борбата со корупцијата и видливи резултати е поврзан со промената на Уставот, Јонуз вели дека она што во функција на изгласување на уставните измени ќе биде слично како кога се потпишуваше Преспанскиот договор.

-Прашање е само на формата во која што ќе се изведе тоа. Сето ова околу корупцијата и што може да служи како уцена за јавните личности ќе биде во игра. Мислам дека Американците во моментов играат една игра во која треба да се фати зајакот во шумата и ништо повеќе, порачува аналитичарот.

Н.П.

Слични содржини