Соединетите Американски Држави целосно ја поддржуваат намерата на Европската Унија (ЕУ) да ги користи замрзнатите руски средства како алатка за обезбедување помош на Украина и притисок врз Русија да ја прекине војната, објавува Ројтерс.
Европската комисија (ЕК) предложи план што ќе им овозможи на владите на ЕУ да користат до 185 милијарди евра од вкупно околу 210 милијарди евра руски државен имот замрзнат во Европа без да го конфискуваат.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, изјави дека предлогот за обезбедување на Украина заем за репарација од 140 милијарди евра од замрзнатите руски средства е веродостоен и легален начин Русија да ја плати штетата што ја предизвикала во Украина.
Вашингтон „целосно ја поддржува (ЕУ) и чекорите што блокот ги презема сега за да може да ги користи овие средства како алатка“, изјави американски функционер за Ројтерс.
Сепак, планот е во застој поради приговорите од Белгија, каде што се чуваат поголемиот дел од средствата. Во петокот, претставници на ЕУ започнаа серија состаноци со претставниците на земјата за да разговараат за замрзнатите руски средства.
Во меѓувреме, Германија посочи дека беспилотните летала забележани над аеродромите и воените бази во Белгија во последните денови се порака од Москва. Русија негира каква било поврзаност со инцидентите со беспилотните летала и вети „болен одговор“ доколку нејзините средства бидат запленети.
Откако Русија ја започна војната во Украина, САД и нивните сојузници ги забранија финансиските трансакции со Руската централна банка и Министерството за финансии и замрзнаа околу 300 милијарди долари руски државни средства.