САД, Германија и Швајцарија против закон за УЧК

од Vladimir Zorba
386 прегледи

Амбасадорите на Германија, Швајцарија и Соединетите Американски држави на Косово денес изразија несогласување со предложениот нацрт-закон за заштита на вредностите на УЧК, сметајќи дека тој содржи одредби кои не се во согласност со слободата на изразување.

Германскиот амбасадор во Приштина, Јерн Роде денеска оцени дека предлог законот за таканаречена заштита на вредностите на УЧК е против слобода на говор и мислење.

„Ја споделувам позицијата на мојот американски колега за нацрт-законот. Во едно демократско општество, не било и никогаш нема да биде добро да се задушат дискусиите со тоа што ќе се ограничат преку кривичниот законик“, истакна Роде на Твитер.

Швајцарската амбасада, во изјавата, исто така оцени дека предложениот закон може да заплаши некои косовски граѓани и може да претставува пречка за процесот на справување со минатото.

Во изјавата се повикуваат косовските водачи да најдат друг начин да покажат почит кон УЧК.

Претходно денес, американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет изјави дека предложениот Закон за заштита на воените вредности на УЧК не е во согласност со основните слободи, пред се слободата на говорот.

„Тоа би ги заплашило граѓаните, од која било националност, од која било етничка припадност, кои сакаат да понудат погледи или толкувања надвор од мејнстримот, фрлаат превез на страв и неизвесност во политичкиот говор и ја отвораат вратата за каприциозни или селективни обвинувања“, рече Коснет.

Тој посочи дека во приштинското судство веќе има закони против клевета и навреда и дека на лажни тврдења против ветерани на таканаречениот УЧК треба да се применуваат тие закони, како и дека предложениот нов закон претставува непотребен товар за спроведување на законот и судскиот систем.

Предлог-законот за заштита на борбата на УЧК, кој според најавите на пратениците на косовското собрание требаше да се разгледа денес, предвидува „заштита на вредноста на борбата на УЧК, која со својата пожртвуваност и ангажман даде непроценлив придонес во Ослободителната борба на Косово и беше одлучувачки фактор за слобода и независност“.

Оние што не ги почитуваат одредбите од законот ќе бидат гонети, а на косовската влада се наметнува да реагира во случај на притвор или апсење на ветерани на УЧК, врз основа на наредба од надлежните во Белград.

Исто така, се наведува дека секој службеник и граѓанин на Косово е должен да ги почитува и заштити вредностите на војната утврдени со тој закон.

Законот за вредностите на УЧК го предложи Демократската партија на Косово на почетокот на 2018 година, и иако основачите на партијата, Хашим Тачи и Кадри Весели, беа обвинети во Специјалниот суд во Хаг под сомнение дека извршиле воени злосторства на чело на УЧК кон средината на минатиот месец. косовската влада го одобри нацрт-законот и го испрати до собранието на разгледување.

Слични содржини