САД ги осудија последните големи напади на Русија врз Украина

од Stefanija Kuzmanovska
104 прегледи

Белата куќа ги осуди најновите руски напади врз Украина, велејќи дека тие потсетуваат на бруталноста на рускиот претседател Владимир Путин, пренесува „Гласот на Америка“.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и неговиот украински колега Алексеј Резников ги осудија „бруталните воздушни напади на Русија врз цивилната инфраструктура на Украина“.

Остин, исто така, изрази непоколеблива „американска посветеност да ја поддржи способноста на Украина да се спротивстави на руската агресивна војна“, се вели во соопштението на Пентагон.

Остин ја повтори противвоздушната одбрана како врвен приоритет за напорите за безбедносна помош на САД, како што се покажа со обврските за обезбедување на Украина со дополнителна муниција за NASAMS, напредни ракетни системи земја-воздух и способности за спротивставување со беспилотни воздушни системи.

Украинските власти вчера известија за тешки руски ракетни напади ширум целата земја. Се огласија сирените за воздушен напад, повикувајќи ги цивилите да бараат засолниште.

Масовните ракетни напади врз домови, згради и електроенергетска инфраструктура, ја истакнуваат стратегијата на Русија да ја остави Украина без струја, греење и вода среде зима, пишува „Гласот на Америка“.