Стејт департментот објави дека ќе ја суспендира обработката на имигрантските визи за 75 земји чии граѓани се сметаат за подобни за јавна помош додека живеат во Соединетите Американски Држави, објави АП.
На листата се наоѓа Македонија, како и балканските Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Стејт департментот соопшти дека им наложил на конзуларните службеници да престанат да ги обработуваат барањата за имигрантски визи од наведените земји според поширока наредба издадена во ноември, со која се заоструваат прописите за потенцијалните имигранти кои се сметаат за „јавен товар“ во САД.
Суспензијата, која стапува на сила на 21 јануари, не се однесува на пријавите за неимигрантски или привремени туристички или деловни визи.
„Администрацијата на Трамп ја прекинува злоупотребата на американскиот имиграциски систем од страна на оние кои сакаат да извлечат богатство од американскиот народ“, објави Стејт департментот.
„Обработката на имигрантските визи од овие 75 земји ќе биде паузирана сè додека Стејт департментот не ги преиспита процедурите за обработка на имиграцијата за да се спречи пристигнувањето на странски државјани кои би добиле социјална помош и јавни придонеси“, се вели во соопштението.
На листата се наоѓаат и Русија, Иран, Сомалија, како и Авганистан, Бразил, Египет, Колумбија.
„Фокс њуз“ го објави целосниот список на земји: Авганистан, Албанија, Алжир, Антигва и Барбуда, Ерменија, Азербејџан, Бахами, Бангладеш, Барбадос, Белорусија, Белизе, Бутан, БиХ, Бразил, Бурма, Црна Гора, Камбоџа, Камерун, Зелен ’Рт, Колумбија, Брегот на Слоновата Коска, Куба, Демократска Република Конго, Доминика, Египет, Еритреја, Етиопија, Фиџи, Гамбија, Грузија, Гана, Гренада, Гватемала, Гвинеја, Хаити, Иран, Ирак, Јамајка, Јордан, Казахстан, Косово*, Кувајт, Киргистан, Лаос, Либан, Либерија, Либија, Северна Македонија, Молдавија, Монголија, Мароко, Непал, Никарагва, Нигерија, Пакистан, Република Конго, Русија, Руанда, Свети Китс и Невис, Света Луција, Свети Винсент и Гренадини, Сенегал, Сиера Леоне, Сомалија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Танзанија, Тајланд, Того, Тунис, Уганда, Уругвај, Узбекистан и Јемен.