САД ќе ѝ испратат на Украина до 250 милиони долари оружје и опрема во последниот овогодишен пакет за помош на Киев во војната со Русија, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Претседателот Џо Бајден побара од Конгресот да обезбеди уште 61 милијарда долари помош за Украина, но републиканците одбиваат да ја одобрат помошта без договор со демократите за зајакнување на безбедноста долж границата меѓу САД и Мексико.
Белата куќа предупреди дека без дополнително финансирање, американската помош ќе истече до крајот на годината за борбата на Украина за враќање на територијата окупирана од руските сили од нејзината инвазија во февруари 2022 година.
„Во текот на оваа година, САД обезбедија 34 пакети воена помош во вредност од над 24 милијарди долари. Секогаш ќе бидеме благодарни за сета оваа поддршка“, наведе украинскиот претседател Володимир Зеленски на Х.
Блинкен рече дека најновиот пакет помош вклучува муниција за противвоздушна одбрана, дополнителна муниција за високомобилни артилериски ракетни системи, артилериска муниција, противтенковска муниција и повеќе од 15 милиони парчиња муниција. Зеленски рече дека тоа ќе ги покрие „најитните потреби на Украина“.