САД го стави Јакимовски на црната листа, градоначалникот обвинува за мешање во изборите: „Фалеше да спомне уште жолти комбиња, треба да се повлече од изборите за претседател“

од Nikola Popovski
800 прегледи

Стејт департментот ја ажурираше „црната листа“ на САД со две нови имиња. На неа се ставени поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски. Од таму велат, дека двајцата со нивните дејствија го поткопале владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции. И додека екс-шефицата на поранешното СЈО е во затвор и не може да се добие нејзина реакција, лидерот на ГРОМ и претседателски кандидат соопшти како е изненаден од одлуката на САД и најави дека ќе поднесе кривична пријава против н.н. сторител. Исто така потенцира дека нема да се повлече од изборната трка. Според него, САД се стратешки партнер на земјава, „но, нашите интереси се едно, а нивните друго“. Јакимовски меѓу другото се спореди со екс-американскиот претседател Доналд Трамп, но и додаде дека е „единствениот кандидат што не е поддржан од Сорос, а граѓаните треба да одлучат дали Сорос ќе ни бира претседател на државата“.

Дали ќе се забрза донесувањето на Законот за рестриктивни мерки?

Судот на предлог на јавен обвинител ќе може да носи привремени мерки како забрана за вршење на јавна фукција или забрана за учество на тендер на фунцкионер или фирма ставена на црна листа. Ова стои во предлог-законот за рестриктивни мерки. Со новото законско решение освен што како основа за рестриктивни мерки се додаваат правните акти на САД и на Обединетото Кралство, се прошируваат и со три основи како корупција, злоупотреба на службена должност и хибридни закaни. Се дополнува и палетата на рестриктивни мерки со две нови привремени мерки на обезбедување. Од СДСМ бараат забрзување во носењето на законот по последната одлука на официјален Вашингтон. Дел од аналитичарите во земјава велат дека го поддржуваат Законот за рестриктивни мерки, затоа што, како што порачува Џелал Хоџиќ, претседател на СДА Македонија, на нас ни е потребна помошта од нашите стратешки партнери во нашата заложба да изградиме функционално демократско општевство, со перспективи за силен економски развој.

Џелал Хоџиќ

Хоџиќ не може да потврди дали обвинувањата кон Јакимовски може да значат стопирање на проектите кои се со негов потпис, но вели дека веќе имаме повеќе политичари, меѓу кои и градоначалници, кои и денес функционираат на политичката сцена, а се на црната листа на САД.

-Вашингтон е наш сојузник во демократскиот и економскиот развој на нашата држава. Секако дека они имаат своја динамика на работа и не верувам дека се водат од тоа кога ги носат и објавуваат одлуките, дали сме ние во предизборна атмосфера или не сме. Впрочем ние многу често имаме некои избори, дали се локални, претседателски, парламентарни, па имавме референдум… На крајот од денот, ако сакате, официјалната кампања за изборите уште не е почната, рече соговорникот за „Локално“.

На прашањето дали Јакимовски барем од морална гледна точка, треба да се повлече од изборната трка, Хоџиќ истакнува дека кај нас, но и Балканот, гледаме како отсуствува моралната димензија. Тука ги набројува примерите со Додик, Вулин, Жељка Цвијановиќ…

-Напротив, има политичари кои се горди на тоа што се на црната листа на САД. Ова е само уште една причина зошто го поддржувам Законот за рестриктивни мерки. А да имавме повеќе европска политичка атмосфера ќе имавме поодговорни политичари кои со самото тоа што се на црна листа ќе донесоа други заклучоци за своето политичко дејствување. Впрочем, покрај корупцијата, ние и денес имаме политички структури кои допринесуваат кон дестабилизација на Западен Балкан, ги релативизираат договорите (кај нас Рамковниот и Преспанскиот) и ја попречуваат евро-атланската иднина на државата и регионот. Очигледно е дека САД ќе бидат сериозно активни и во периодот кој ни следи, оценува претседателот на СДА Македонија.

Од друга страна професорот и политички аналитичар, Самоил Малчески смета дека црната листа која ја објавува нашиот стратешки партнер САД е само доказ дека институциите во правосудниот систем не функционираат.

Самоил Малчески

-И сега законските решенија овозможуваат ефикасна борба против корупцијата, но за жал Судството и Обвинителството се во спрега со криминалните владеачки структури и место да се борат против корупција, тие ја заштитуваат истата, објаснува Малчески во разговор за „Локално“.

Според него, лидерот на ГРОМ има многу неодговорени прашања, пред се за жителите на Карпош кои го гласаа на локалните избори. Истакнува дека ова се сериозни обвинувања и како што тврди, Јавното обвинителство мора веднаш да постапи, а се во насока на заштита на јавниот интерес.

Вчера градоначалникот на Карпош ја обвини американската администрација дека се меша во изборниот процес во Македонија, на што Малчески оценува дека ваквите тврдења се „смешни и комични“.

-САД се наш стратешки партнер и пример за држава во која функционираат институциите. Оттука, јас воопшто не се сомневам во одлуките на нивните институции… Јакимовски требаше да спомне уште жолти комбиња за да може да го комплетира циркузот кој го прави по медиуми, посочива соговорникот и потенцира:

-Суштинското прашање кое се поставува е што тој сработил на страна од политиканството и мешетарењето и од каде го поседува се она што го поседува. Исто така, на јавноста и остана неодговорено прашањето како истакнат опозиционер, како што сака да се претстави Јакимовски, успеа својот син да го вработи во МНАВ во време на хибридниот режим на ДУИ и СДС. Оттука, според мене не станува збор за некакви со мешења, станува збор за затајување на институциите во Македонија кои треба активно да се борат против криминалот, наведува аналитичарот.

За Малчески нема двоумење дека Јакимовски треба да се повлече од трката за претседател.

-Доколку има и малку морал во него уште вчера требаше да се повлече, а не да прави циркузи по медиуми, заклучува соговорникот.

Вчерашната одлука на Вашингтон е да им се забрани влез во САД, покрај на назначените и на семејствата на Јакимовски и на Јанева. Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер уште претходно истакна не ја исклучува можноста до крајот на изборниот процес да има нови имиња од државата на американската „црна листа“. Потенцираше дека се разгледуваат голем број нимиња и дека се прават проценки.

На црната листа на САД изминатиот период се најдоа повеќе поранешни функционери и познати бизнисмени. Меѓу последните кои од почетокот на декември 2023 е под американски санкции е бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев. На американската црна листа претходно се и поранешниот шеф на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков, неговиот братучед и поранешен премиер Никола Груевски, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев и рускиот бизнисмен Сегреј Самсоненко и неговата сопруга, кои имаат бизниси во земјава.

Н.П.

Слични содржини