САД и Тајван се договорија да започнат официјални трговски преговори за да постигнат значајни договори, како дел од новата иницијатива, а според официјален Тајпеј, ќе се разговара и за „економската принуда“ која ја спроведува Кина, пренесува „Ројтерс“.
Американско-тајванската иницијатива за трговија во 21-от век првпат беше претставена во јуни, а двете страни сега рекоа дека „постигнале консензус за преговарачкиот мандат“, наведува британската агенција.
САД објавија дека ќе започнат официјални трговски разговори со Тајван, неколку недели по посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, која предизвика остри протести од Пекинг.
Кина: Ќе ги преземеме неопходните мерки поради трговските преговори меѓу САД и Тајван
Кина цврсто се спротивставува на трговските преговори меѓу САД и Тајван и ќе ги преземе сите неопходни мерки за цврсто да го заштити својот суверенитет, безбедност и развојни интереси, соопштија властите во Пекинг.
Кинеското министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Кина ќе преземе решителни мерки за одбрана на својот територијален интегритет и ги повика САД да не проценуваат погрешно, откако Вашингтон и Тајпеј се согласија да започнат трговски преговори, пренесува „Ројтерс“.