САД најавија дека ќе испратат на Украина нов пакет воена помош во вредност од околу 1,7 милијарди долари, кој главно се состои од проектили и муниција за ракетни, артилериски и противвоздушни системи кои Вашингтон претходно му ги достави на Киев.
Министерството за одбрана на САД објави дека ќе испрати ново оружје и опрема во вредност од 1,5 милијарди долари во Киев преку Иницијативата за безбедносна помош на Украина (УСАИ), која вклучува средства „за подобрување на воздушната одбрана на Украина, противтенковското оружје, како и средства за одржување на опремата“, претходно испратени од САД, пренесува „CNN“.
Администрацијата на претседателот Џозеф Бајден, исто така, испраќа оружје и опрема во вредност од 200 милиони долари во Украина директно од залихите на американското Министерство за одбрана, вклучувајќи „пресретнувачи за воздушна одбрана, ракетна и артилериска муниција и противтенковско оружје“, се вели во соопштението.
Се додава дека тоа е 20-тиот пакет за Украина преку УСАИ и 62-та транша опрема што е обезбедена од залихите на Министерството за одбрана од август 2021 година.