Американскиот претседател Џо Бајден го крена гласот против контроверзните руски референдуми во Украина, изјавувајќи дека Вашингтон никогаш нема да ја признае анексијата на Москва врз делови од Украина, јави „Анадолија“.
Говорејќи на програмата на Белата куќа на која присуствуваа лидерите на земјите од Пацификот, Бајден го нарече овој потег срамен, наведувајќи дека сака јасно да стави до знаење дека САД никогаш нема да ги признаат руските претензии за суверената територија на Украина.
„Овој таканаречен референдум е срамен. Резултатите беа произведени во Москва, а вистинската волја на украинскиот народ е видлива секој ден додека ги жртвуваат своите животи за да го спасат својот народ, да ја одржат независноста на земјата и да ја бранат слободата“, рече Бајден.
Тој смета дека руската војна против Украина, за која верува дека е дел од империјалистичките амбиции на рускиот претседател Владимир Путин, е јасно кршење на Повелбата на ОН.
Украинските сепаратистички региони Доњецк и Луганск, како и деловите Запорожје и Херсон под контрола на Русија, одржаа референдуми за приклучување кон Русија од 23 до 27 септември.
Москва тврди дека 98 отсто од гласачите избрале да се приклучат на Русија, додека Украина и Западот ги отфрлаат резултатите. Овој потег беше осуден и од меѓународната заедница.