Зголемувањето на процентот за одбрана е нормален потег ако се знае состојбата на глобален план. Либерализмот има сериозни предизвици. Гаранцијата за доминација на светски план ја нема. Предизвикувачите на еден или друг начин преку изигрување на либералните процеси, корумпирање на истите, или преку технолошкиот напредок најдоа начин како за помалку средства да постигнат повеќе. Во исто време, заносот од доминацијата на либерализмот влијаеше на тоа да се спушти гардот за опасностите, па да се верува дека сите се со добри намери ама под услов да бидат покорени на либералната доминација, вели во разговор за „Локално“, Методи Хаџи Јанев, професор и експерт за безбедносни политики околу се поизвесното зголемување на процентот за одбрана од БДП кои земјите-членки треба да го издвојат. Ваква порака вчера доби и Македонија по средбата меѓу шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски со американскиот државен секретар, Марко Рубио.
Хаџи Јанев целата ситуација накратко ја опишува со зборовите дека „медениот месец заврши“ и дека „безбедноста не смее да се земе здраво за готово“. -Како тоа ќе оди во пракса, искрено мислам тешко, посочува соговорникот.
Запрашан дали сите земји-членки би се сложиле со новото „нормално“, професорот смета дека нема да имаат друг избор. Вели дека може да не се сложат ама ќе ризикуваат да им дадат аргумент повеќе на „анти-атлантистите“ кои сега доминираат во рамките на критичната мисла околу водството во САД.
-Ако од неутрален апсект ги следите аргуметните кои токму тие ги даваат, има своја логика дека САД не може да ја влече условно на грб безбедноста на Европа бидејќи се судираат по неколку суштински прашања кои започнаа да генерираат сопки за САД во трката за глобална доминација. Стравот од партнерството помеѓу „Змејот и Мечката“ (Кина и Русија) ја прави сегашната администрација нервозна по повеќе основи. Дел од тие основи се дриектно поврзани со перцепциите, ставовите а во склад со тоа и регулативите на ЕУ во однос на технологијата. Сето тоа, сега од оваа перспектива, значи ако не се сложат со таквиот став или побарување ќе значи раскинување на столбовите на НАТО. Точно е дека САД први повлекоа потег во смисла на тоа како се поставуваат улови. Во моментот кога ќе им затреба на САД треба да видиме како европските партнери ќе реагираат. Не биле баш до крај на широкогради во поддршката, во дадени критични моменти, па САД морале да бараат алтернативи преку билатералната дипломатија (пример во глобалната војна против тероризмот), објаснува проф. Хаџи Јанев.
Евидентно е дека многу влади на земји-членки на НАТО веќе се соочуваат со затегнати јавни финансии, преоптоварени пензиски системи, преоптоварени јавни услуги и незадоволни гласачи со различни приоритети. Политичката нестабилност дополнително ја усложнува ситуацијата…Професорот оценува дека кај сите овие влади недостига трансформација во пристапот на одбраната. Смета дека начинот на кој ултра-либералниот концепт креираше пристап кон одбраната да се израмнува со војската е погрешен.
-Тоа е тоа што ги плаши западноевропските елити. Дополнително, одбраната е невидлив трошок кој комодитетот на луѓето на Запад не им дозволува да разберат дека безбедноста не е бесплатна. Само како за илустрација, за да лекарот, наставникот во училиштетот каде ги носиме децата, административецот кој треба да ни даде услуга, електричарот кој треба да ни поправи нешто, или градежниот работник стигнат да ја извршат својата социјална улога, некој на граница треба да го потпре тоа на плеќите. Кога ќе се сфати тоа може и ќе се сфати дека со одбраната не смеете да си играте. Не смеете да експериментирате и да терате политки на сила од идентитетски до проекти кои ги бришат стандардите за сметка на политиканство, политички поткусурувања, квоти и се што следува. Едноставно одбраната и безбедноста се базирани на стандарди, а не на афирмативни мерки. Не на жртвување на стандардите за сметка за изборите утре. Одговорноста на лидерите во либералниот свет и кај нас е да го сменат наративот час поскоро, да ја погледнат реалноста и да ја зголемат одговорноста. Конечно, одбраната не е само армијата. Ако имате креативен пристап во кој го вклучите целото општество буџетот за одбраната може да добие поинаква слика, наведува Хаџи Јанев.
Според него, ако идентификувате капацитет кој фали како човечки капитал (на пример борбено оспособени доктори, или сајбер експерти, или управувачи на дронови), технологија (па направите јавно-приватно партнерство или инкубатори за иновации со кои покрај тоа што ќе стимулирате одржлив развој ќе придонесете за одбраната преку технологии кои се хендикеп) ќе ги стабилизирате давачките и буџетот во одбраната нема да се сведе само на буџет за војската.
-Тука има многу да се зборува, да не зборувам како можете Криволак да го претворите во тие проценти, или пак она што Бугарија и Србија го прават како едни од трите најголеми донатори на муниција за Украина да го ставите на свое конто. Да не зборувам за одржливоста која ви ја гарантира во смисла на безбедност и одбрана. Дополнително, полициските сили кои се дел од одбраната на државата, уставно, ќе треба да ги вратите во колосек под претседателот оти во ултралибералниот либерален занос дел од оние кои управуваа со овие реусрси, ги измешаа лончињата, па во одредени законски решенија претседателот на државата не е веќе врховен командант на вооружените сили туку на Армијата. Ако се сменат овие работи кои се широко распоространети низ европските земји бројките може да се променат. Со други зборови, политичарите ќе треба да се откажат од комодитетот кој го имаат и наместо да планираат средства за удобност и хедонизам, ќе мораат да се фокусираат на јакнење на капацитетите да го сочуваат тоа што го имаат од оние кои условно сакаат тоа да им го земат на еден или на друг начин. Кој сфати, сфати. До таму е работата. Ако не сфатите, ќе платите и тоа дупло. Тоа е циклус. Мирното море не прави добри морнари и обратно. Најверојатно тие животни лекции ќе треба уште многу да ги учиме, заклучува професорот.
Соработката меѓу САД и Македонија е извонредна и заснована на заеднички вредности, политички интереси и долгогодишно пријателство – оцениле на работната средба шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски и државниот секретар Марко Рубио. „Потврдена силната стратешка поврзаност меѓу двете земји и заедничката заложба за регионалната стабилност. Заклучивме дека од клучно значење е да продолжиме да работиме на одржување на мирот, стабилноста и просперитетот на глобално ниво“, истакна министерот Муцунски по средбата.
Во краткото соопштение на портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, се наведува дека Рубио побарал од сојузниците во НАТО да издвојуваат пет проценти од БДП за одбраната. За средбата се вели дека биле истакнати силните односи меѓу САД и Македонија и заедничките интереси за регионалната стабилност, економската соработка и НАТО. „Тие ги разгледаа можностите за проширување на економската соработка, вклучително и трговијата и инвестициите. Секретарот (Рубио) ја нагласи потребата сојузниците на НАТО да поддржат и да постигнат пет проценти од трошоците за одбрана“, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Според последните извештаи на НАТО, Македонија во 2024 година одвоила 2,22% од својот БДП за одбрана, со што се најде на 11-то место меѓу сојузниците.
Во соопштението на македонското МНР не се споменува делот за пет проценти од БДП за НАТО, но се наведува дека се разговарало за намалување на тарифите за македонските производи.
Н.П.