Предлогот за буџет на американскиот Стејт департмент за 2022 година предвидува сума од 106,2 милиони долари како помош за земјите од Западен Балкан.
Како што е прецизирано, во Косово, Босна и Херцеговина, Србија, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, парите се наменети за поддршка на реформите во процесот на пристапување кон Европската унија и за спротивставување на руското влијание и дезинформации, пренесува Гласот на Америка.
Објаснувањето на буџетскиот предлог за Стејт департментот и УСАИД, вкупно 58,5 милијарди долари, што е доставено до Конгресот, укажува на поддршка за зајакнување на владеењето на правото, борба против корупцијата, зајакнување на граѓанското општество и обезбедување независен медиумски сектор.
„Програмата ќе ги вклучи и овласти локалните власти и помладата генерација да го забрзаат економскиот раст, да го запрат одливот на мозоци и да промовираат помирување меѓу различните етнички групи. Финансирањето ќе го промовира економскиот раст предводен од приватниот сектор и енергетската безбедност, вклучувајќи обновлива енергија, сајбер безбедност, здраво финансиско и регулаторно опкружување потребно за инвестирање и спроведување на обврските согласно договорот од Вашингтон во 2020 година, како и други договори за нормализација помеѓу Косово и Србија. Инвестициите, исто така, ќе го охрабрат економското закрепнување по пандемијата со Ковид -19“, се наведува во документот.