Жена од Калифорнија е обвинета за продажба на лажни сертификати за вакцинација и неефикасни „апчиња за имунизација“ против Ковид-19. Таа е уапсена во средата и обвинета е за две точки за медицинска измама.
Докторката Џули А.Мејзи се соочува со 20 години затвор и стотици илјади долари казни.
„Магични апчиња“ за 243 долари
Мајзи продавала апчиња за имунизација по цена од 243 долари. Таа тврдела дека содржат „многу мала количина“ коронавирус, што предизвикува имунолошки одговор и обезбедува „доживотен имунитет на Ковид-19“.
За да ги убеди клиентите да и ги купат апчиња, Мејзи им зборувала дека вакцините одобрени во САД содржат „токсични состојки“. Таа исто така понудила хомеопатски лекови за детски болести и лажно тврдела дека тие ќе ги покриваат барањата за имунизација што се бараат во калифорниските училишта, пишува „Њујорк Тајмс“.
Докторката на својата веб-страница вели дека има докторат на Националниот универзитет за природна медицина во Портланд и е образована за „традиционални медицински науки“ и „антички и модерни модалитети“ кои користат природни лекови. Таа наведува дека нуди и услуги на класична хомеопатија, создадена во Германија пред повеќе од 200 години.
Според хомеопатската наука, болеста може да се третира со супстанца која произведува слични симптоми како болеста и се дава во минимални дози. Австралискиот национален совет за здравствени и медицински истражувања во 2015 година изјави дека нема многу докази дека хомеопатијата е ефикасна во лекувањето на болести и дека голем број концепти во хомеопатијата не се во согласност со основните научни концепти.
Заработила 200.000 долари?
Властите започнаа истрага против Џли Мејзи откако некој поднел жалба во април, велејќи дека нејзините роднини купиле таблети против Ковид-19 и дека не се вакцинирале против коронавирусот поради тоа. Покрај таблетите, Мејзи им дала и картички за вакцинација против Ковид-19, во кои било наведено дека ја примиле вакцината „Модерна“. Таа им рекла да го запишат денот кога ќе почнат да пијат таблети за датум на вакцинација.
Сè уште не е познато точно колку луѓе ги купиле таблетите за имунизација, но властите дознале дека Мејзи од јануари 2020 до мај 2021 година примила повеќе од 200.000 долари преку компанијата за дигитално плаќање „Сквер“.