Планираната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се очекува со нетрпение, но и претпазливост поради стравување дека Трамп нема дипломатски вештини за средба од ваков ранг.

Средбата на двајцата лидери ќе биде пробив во дипломатските односи меѓу двете земји што со децении беа заладени, а изминатава година ескалираа поради нуклеарните тестови на Северна Кореја поради кои САД и ОН воведоа низа санкции врз веќе изолираната земја.
Многу експерти предвидуваат дека следниот чекор, откако двајцата лидери покажаа добра волја за средба, е обновување на повеќестрани преговори во кои ќе бидат вклучени шест земји – САД, Јужна Кореја, Кина, Јапонија, Русија и Северна Кореја, кои уште пред една деценија се обидоа да преговараат за ставање крај на нуклеарната програма на Северна Кореја.
Веста за средбата наиде на позитивна реакција од Пекинг.
„Ги поздравуваме позитив ните сигнали на САД и Северна Кореја за директен дијалог. Прашањето за Корејскиот Полуостров оди напред во вистинска насока кон решавање“, рече портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
Тој рече дека Кина ги имплементирала санкциите на ОН и дека ќе продолжи да игра позитивна улога во процесот.
Неискусниот Трамп и лукавиот Ким
Кина и Јужна Кореја ја поддржаа идејата за директен дијалог меѓу САД и Северна Кореја, но експертите сепак стравуваат дека средбата на лидерите може да биде катастрофална за неискусниот американски претедател кој ќе се соочи „точка по точка“ во разговор со лукавиот севернокорејски лидер.
Тие велат дека самитите обично се случуваат на крајот на долга низа преговори на пониски нивоа на кои се решаваат многу препреки и детали. Трамп, кој обожава публицитет, оди о главата во ѕид, сметаат тие. Не помина ни една година откако ветуваше дека „тотално ќе ја уништи Северна Кореја“, а сега одеднаш договара пресвртен самит на највисоко ниво, велат експертите за надворешна политика.
Севернокорејски лидер досега се нема сретнато со актуелен претседател на САД.
Леонид Петров, експерт за Северна Кореја на Австралискиот национален универзитет, вели дека историската средба меѓу Трамп и Ким е добра работа, но дека можно е Американците да бидат загрижени дека со ова му се дава легитимитет на севернокорејскиот режим.
„Постои елемент на ризик, но и двајцата обожаваат ризици и живеат опасно“, вели Петров.
Тој смета дека Трамп најверојатно се согласил на средба бидејќи „Белата куќа е во хаос и ѝ снемува експерти. Никој не му кажал дека е лоша идеја да се сретне со Ким.“
Се шпекулира дека средбата меѓу Трамп и Ким најверојатно ќе се одвива во Кина.
Џанг Љангуи, пензиониран експерт за Северна Кореја од Кинеската академија за општествени науки, смета дека понудата на Ким да ја прекине нуклеарната програма се должи на политиката на „максимален притисок“ што ја води Трамп.
„Тоа ја натера Северна Кореја да сфати колку е опасна ситуацијата. Ако продолжат да држат строг став, САД ќе употребат и сила, а тоа ќе биде крај за Северна Кореја“, смета тој.