Сали нов в.д. претседател на Алтернатива по оставката на Ибрахими

Ибрахими во својата објава наведе дека се повлекува од функцијата претседател на партијата, истакнувајќи дека одлуката ја донел поради сопствените политички убедувања и дека сака идните одлуки на партијата и коалицијата ВЛЕН да ги носи новото раководство

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Фејсбук

Вицепремиерот и иден министер за европски прашања, Беким Сали е избран за вршител на должност претседател на Алтернатива, откако досегашниот лидер Зеќирија Ибрахими поднесе неотповиклива оставка на седницата на Централното собрание.

Ибрахими во својата објава наведе дека се повлекува од функцијата претседател на партијата, истакнувајќи дека одлуката ја донел поради сопствените политички убедувања и дека сака идните одлуки на партијата и коалицијата ВЛЕН да ги носи новото раководство.

Тој посочи дека првично планирал да не се кандидира на редовниот партиски конгрес во март или април 2026 година, но динамиката во рамките на ВЛЕН го забрзала процесот. Со поддршка е избран Беким Сали, негов долгогодишен соработник, кој партијата ќе ја води до одржување на конгресот.

Претседателот на Собранието, кој доаѓа од редовите на истата партија, Африм Гаши реагираше на оставката на Ибрахими. Гаши вели дека неговиот интегритет, посветеност и визија оставиле и продолжуваат да оставаат важни траги во зајакнувањето на партијата и во унапредувањето на вредностите за кои сме посветени.

„Му изразувам најдлабока благодарност на мојот ценет пријател, актуелниот претседател на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, за неговиот извонреден придонес и неспоредлива поддршка низ годините. Неговиот интегритет, посветеност и визија оставиле и продолжуваат да оставаат важни траги во зајакнувањето на партијата и во унапредувањето на вредностите на кои сме посветени.

Во исто време, му посакувам искрен успех на Беким Сали, на неговата должност како вршител на должноста претседател на партијата Алтернатива. Убеден сум дека неговото искуство и енергија ќе послужат за унапредување на започнатата добра работа и за гарантирање на стабилност и напредок.
Алтернатива останува обединета и посветена на јавниот интерес“, напиша Гаши.