Сали: Останатите модуларни болници се градени од истиот материјал

од Nikola Popovski
210 прегледи

Со постапката која се одвиваше за пожарот на модуларната болница, жртвите изгореа по втор пат, а виновниците беа наградени, изјави денеска поранешниот министер за здравство од редовите на Алтернатива, Беким Сали.

Сали вели дека откако седнал во министерската фотелја, во септември 2022 г. побарал интерна ревизија за договорот за модуларните болници кои се користат како амбуланти, а на 25 јануари годинава извештајот бил финализиран и добил препорака Министерството за здравство да го раскине договорот со фирмата изведувач – БРАКО бидејќи било проценето дека анекс-договорот е незаконски.

Тој претходно ја потврди процедурата спомената во емисијата „Убиство во Тетово“ објавена од страна на Институтот за репортерска лабораторија (ИРЛ) каде што се објаснува за прекинот на исплата и раскинување на договорот со „Брако“ по направената ревизија од страна на Министерството.

Но, како што кажа Сали, и покрај препораките на внатрешната ревизија, неговиот наследник, преку Владата, иницирал исплата на долгот кон оваа компанија.

На новинарско прашање дали останатите болници се од истиот материјал според извршената ревизија, тој потврдно одговори дека се работи за ист материјал и дека за останатите модуларни болници со финансиерите на проектот имале договор за обезбедување на противпожарен систем на сите модуларни болници и начелно тие не би биле користени како модуларни болници или за подолг престој на пациенти, туку би биле користени како вакцинални пунктови или пак како лаборатории каде што престојот на пациентите не би бил подолг од еден ден.

Слични содржини