Само 34% од граѓаните би војувале за Македонија: „Генерации израснати со мобилни не се заинтересирани да ги заменат со пушки“

од Nikola Popovski
401 прегледи

Повеќе од половина од македонските граѓани не би се бореле за татковината доколку дојде до војна. Ова го покажува новото истражување на Светската асоцијација „Галуп интернешнл“ спроведено во 45 земји во светот, репрезентативно за повеќе од половина од светската популација. „Ако има војна во која е вклучена и вашата држава, дали би се бореле за својата земја?“ На ова прашање, „да“ одговориле 34 % од анкетираните во Македонија,  „не“ одговориле 51 %, а 15 % – не знам/не дале одговор, стои во истражувањето кое го објави Дојче Веле. Просекот во земјите членки на ЕУ е 32 %, оние што не би се бореле е 47 %, а 21 % немаат одговор. Ако на крајот од 2014 година подготвеноста за учество во борба во светски рамки била 61 %, на крајот од 2023 година таа паднала на 52 %. Пред десет години, 27 % биле против учество во борба, а на крајот од 2023 година така се изјасниле 33 %.

Од „Галуп интернешнл“ посочуваат дека исклучоците во Европа – каде луѓето искажуваат поголема подготвеност да се борат за својата земја во случај на војна – се  во земји надвор од ЕУ:  околу 60 отсто во тие држави се подготвени да се борат. Меѓу земјите кои не се членки на ЕУ токму таков е процентот во Албанија, каде 60% одговориле „да“- ќе се борат ако има војна во нивната земја, а 28% „не“.  Уште повисок е процентот во Косово, каде од анкетираните 79% одговориле „да“, а 14% „не“.

Зошто македонските граѓани не би војувале за својата земја?

Според експертот за безбедност, дезинформации и комуникации, Емир Хасановиќ, овие трендови не се зачудувачки иако парадоксално светот е далеку понестабилен од пред 10-тина години од воено-безбедносна гледна точка. Тврди дека падот на желбата за учество е глобален тренд кој не не одминува очигледно.

Емир Хасановиќ

-Мислам дека дел од проблемот е еден нов пристап кон чувството на патриотизам на младите и созревањето на миленијалците и ген-з. Прво, патриотизам повеќе не се гледа само низ призма на униформа туку низ призма на иновации и надмоќ на други полиња. Второ, генерациите кои се израснати со дигитална направа во рацете сигурно не се заинтересирани да ја заменат со пушка, посочува Хасановиќ.

Дециден е дека генерациите кои служеле доброволен воен рок полека, но сигурно одат во пензија.

-Како личност да војува ако не знае ни да држи оружје? Впрочем, тоа е и позитивно бидејќи нашите општества се веќе поделени, поларизирани, цели на дезинформации што човек може и да каже дека е наша среќа што граѓаните не се расположени поделбите на идеолошко да го пренесат на воено поле, порачува Хасановиќ.

Ваквите резултати од истражувањето за универзитетскиот професор и поранешен министер Оливер Андонов се состојба на современо живеење. Според него, луѓето живеат хедонистички и лабаво и не би си го нарушувале својот личен мир бидејќи, како што вели, нивните интереси им се пред се, а не се интересите на државата.

Оливер Андонов

-Не ја препознаваат државата како средство преку која ги остваруваат интересите и на многумина не им е гајле која држава, важно интересите да им се остварени, вели Андонов за „Локално“.

Според него, се повеќе во светот луѓето се стремат кон лесно живеење и лесно доаѓање до целите.

-Брзо да дојдам до образование и богатство,а да немам мака во тоа. Со тоа, народот целат кон тоа зошто јас да страдам и да губам комоција, за да остварам некои цели и интереси кои се сведуваат на добра кола, добар живот, шетање и добра плата. Луѓето би се спротивставиле можеби доколку тие услови би им биле загрозени, отколку националниот интерес и државата како општествена заедница, дециден е професорот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

-Во основа изменети се вредностите. Сведени се на лични вредности отколку на државничките и националните, додава Андонов.

Во споредба со 2019 година, во глобален просек, 61 отсто испитаници одговориле дека би биле подготвени да се борат за својата држава, додека 27 отсто одговриле – не. Очекувано, поголем е процентот на мажи глобално кои би се бореле (67 отсто) додека жените – 52 отсто.

Според Галуп, во 2019, најголем процент подготвени за војна за својата држава се на Блискиот исток и во северна Африка – 93 отсто додека најнизок е во Западна Европа – 25 отсто. Во анкетата биле вклучени 62.398 луѓе – по илјада за секоја држава.

Најмалку во светот би се бореле за својата земја Јапонците – само 11 отсто. Следуваат во Холандија (15 отсто), Германија и Белгија (19 отсто), Италија 20 отсто…

Најпоготвени за борба за својата држава се во Мароко и Фиџи – 94 отсто. Следуваат Пакистанците 89 отсто, Виетнамците 89 отсто, во Бангладеш – 86 отсто, Азербејџан – 85 отсто…

Во Европа води Финска – 74 отсто се подготвени за војна за одбрана на својата држава. Следува Турција со 73 отсто, Украина 61 отсто, додека во Русија тој процент е 59 отсто.

Од поранешна Југославија: Косово – 58 отсто, БиХ – 55 отсто, Србија 46 отсто и Македонија 38 отсто.

Н.П.

Слични содржини