СДСМ обвини дека само партии од Бугарија и ДПМНЕ-Левица се против Резолуцијата на Бундестагот за македонскиот идентитет, јазик и култура. Од партијата велат дека „ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски почнаа да плукаат по неа“.
-Германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик. Во Европската Унија, која се карактеризира со голема разновидност на јазици и култури, јазиците се составен дел од нашето заедничко културно наследство. Кој е заедничкиот интерес на ДПМНЕ со партии од Бугарија?, прашуваат од партијата на власт.
Вчера лидерот на бугарската политичка партија Преродба, контроверзниот Костадин Костадинов порача дека во германскиот Бундестаг минатата недела била изгласана „антибугарска резолуција“ и дека неговата партија лобирала таа да не биде изгласана.
-Големото прашање е зошто партиите кои овде во (бугарскиот) парламент имаат партнери во Бундестагот во линијата на европската соработка и во линијата на Европскиот парламент, не го направија истото, бидејќи јас сум убеден дека знаеле за оваа декларација. Зошто е тоа така, зошто нашата земја не го штити, а има можност да го заштити бугарскиот национален интерес и практично абдицира, рекол меѓу другото тој.
ВМРО-ДПМНЕ вчера најде нова забелешка на резолуцијата на германскиот Бундестаг, тврдејќи дека во неа „никаде не се споменуваат Македонци“. Сепак ја пофалија бидејќи германските пратеници се залагаат за борба против корупцијата и владеењето на правото.
И пратеникот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи укажа на тоа дека во Резолуцијата, чиј текст е подолг од пет страници, вели дека ниту еднаш не се споменуваат Македонците.