Само Мицкоски и Чак Норис можат за два дена власт да донесат нова инвестиција, порачаа од СДСМ

од Nikola Popovski
63 прегледи

СДСМ го обвинува премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека „по секоја цена сакаат да покажат резултат и не бираат средства за да ги насамарат граѓаните“. Според партијата, потценување на интелигенцијата е дека само за два дена Мицкоски поканил, привлекол и договорил било кој нов инвеститор. Како што велат од СДСМ, „ова веројатно го можат само Мицкоски и Чак Норис“.

-Таков последен пример е инвестицијата на компанијата EPSOTECH, која Мицкоски ја објави како свое големо достигнување. Добро е што ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи инвестициите донесени од СДСМ да се реализираат, бидејќи тоа е добро за државата и граѓаните. Но, сметаме дека е политички простотилук да се тврди дека Владата на СДСМ ништо не работела, а во исто време Мицкоски да не признае дека се фали со наши проекти, потенцираат од партијата од „Бихаќка“.

Јавноста треба да знае дека во моментов, додаваат од СДСМ, има шест нови инвестции кои се со завршени договори и спремни за работа.

-Единствена причина заради која не ги објави СДСМ е да не го наруши изборниот процес. За овие инвестиции се завршени сите процедури и го чекаат последниот филтер во Комисија за заштита на конкурентноста. Му порачуваме на ВМРО-ДПМНЕ наместо да продава магла и пропагнада, да се фати за работа и да реализира барем нешто свое. Срамно и смешно е два дена по преземањето на власта да промовира инвестиции како свои во услови кога уште немаат ни седнато на фотељите, стои во соопштението на партијата на Венко Филипче.

Во петокот беше најавено дека нова инвестиција вредна 20 милиони евра доаѓа во Македонија. Германската компанија „Епсотех“, која во партнерство со белгиската „Аим“ ќе произведуваат елементи од автомобилската, железничката и здравствената индустрија и ќе вработат 110 лица. Мицкоски имаше средба со менаџментот на германско-белгискиот конзорциум.

Екс-вицепремиерот за економски прашања и актуелен пратеник, Фатмир Битиќи искажа „благодарност до ВМРО ДПМНЕ што ги потврдуваат и продолжуваат планираните инвестиции“, кои, како што потенцира, неговиот сега веќе поранешен кабинет професионално и прецизно ги сработил во изминатиот период. Порача дека е потребна работа, а не ПР за земјава да го доживее прогресот што го заслужува.

Во вчерашното свое обраќање пред патувањето на НАТО Самитот во Вашингтон, премиерот најави уште една нова странска инвестиција на компанија која што, како што рече, е дел од листата на најголемите 500-тини компании во САД, како и нови десетици милиони евра инвестиција и нови работни места за македонските граѓани.

Слични содржини