Во полициските станици и другите места за лишување и задржување затекнавме ситуации каде што нема ажурирани списоци од дежурни адвокати, а во некои воопшто и ги нема. Полициските службеници не се доволно информирани за правото на лицата кои се лишуваат или задржуваат, дека можат да бараат присуство на адвокат во нивна одбрана, како еден од сегментите за балансирање на односите на тие што имаат посебни овластувања и лицата кои се под нивен удар, информираше народниот правобранител, Насер Зибери.
Тој рече дека секое лице има право на адвокат во првата фаза и дека средствата за таа адвокатската услуга треба да бидат покриени од буџетот на државата.
– Мислам дека присуството на адвокат е најнеопходно токму во таа прва фаза и се разбира тоа соодветно е регулирано и во законот за кривична постапка, каде што во член 161 е предвидено дека присуството на адвокат, особено по 20 часот до шест часот наутро, може да бара секое лице кое е задржано, односно приведено, а за тоа средствата да ги надомести буџетот на државата, истакна Зибери.
Според неговиот извештај само пет проценти од луѓето кои се приведени или лишени од слобода и 15 отсто од оние кои се задржуваат во полициските станици го користат правото на помош од дежурен адвокат.
Претседателот на Адвокатската комора, Михајловски посочи дека потпишувањето на меморандумот всушност е само едно формализирање на активностите и на дејствијата коишто ќе се превземаат од страна на адвокатите и народниот правобранител.
– Вие знаете дека адвокатите, според Уставот и според законите, како бранители се овластени да постапуваат во сите фази на постапката, на кривичната постапка, значи уште во предистражната постапка, во истражната постапка, па и во текот на судењето заради заштита на нивните интереси, односно се со цел да се заштитат нивните права, најмногу заради едно фер и праведно судење, рече Михајловски.
Тој додаде дека доколку граѓаните се подложени на тортура или на друго незаконито постапување тешко се надминуваат тие состојби за да се има едно фер и правично судење.
– Адвокатите се спремни, добро едуцирани и како такви учествуваат во многу кривични постапки коишто се водат. Имаме и адвокати кои се остручени и со меѓународни закони и конвенции коишто Македонија ги има потпишано, па како такви мислам дека ќе дадат еден голем придонес во идејата за поуспешна и поефикасна борба против тортурата, изјави Михајловски.