Само Стевче Јакимовски не го потпиша Кодексот за фер и демократски избори

од Nikola Popovski

Кандидатите за претседател на државата денеска во Државната изборна комисија го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, со исклучок на Стевче Јакимовски. Според лидерот на ГРОМ, неприфатливо е што се откажале мастер дебатите меѓу претседателските кандидати. Јакимовски жали што на локални избори има три дебати за канализации, водоводи и паркови, а да нема ниту една дебата за битни државни прашања.

-Кодексот ќе го почитувам, но ако немаме дебати, нема да го потпишам, кажа Јакимовски.

Претседателот Стево Пендаровски изрази уверување дека имаме доволно институционална меморија како држава и доволно политичка култура меѓу сите кандидатите да го одржат нивото на дебата и целиот процес да биде фер и демократски.

Кандидатката Гордана Силјановска потпишувањето на кодексот го оцени како церемонијален чин и нормативен и морален илузионизам, но посочи дека лично таа ќе говори со аргументи и програма и ќе ги почитува сите кандидати.

Бујар Османи рече дека ќе се залага за позитивна кампања, порачувајќи дека повеќе станува политички морал и даден збор пред граѓаните дека ќе пристапат корекрно кон овие важни за нашата држава избори.

Билјана Ванковска, нагласи дека Кодексот ќе го потпише, но не верува во ништо од ова, како што рече, празно парче хартија и побара телевизиите да организираат дебати со сите претседателски кандидати.

Арбен Таравари изрази надеж дека овие избори ќе бидат најфер и најдемократски избори досега.

Максим Димитриевски рече дека ќе ги прифати сите јавни настапи со сите претседателски кандидати и посака на овие двојни избори да победи демократијата.

Првиот круг од гласањето за иден шеф на државата е на 24 април и ќе биде неработен ден. Политичките партии кои учествуваат на изборите, в среда ќе потпишат декларација за фер, слободни и демократски избори и против говорот на омраза.

Потпишувањето на декларацијата е традиционален настан што го организира Институтот Охрид од 2014 година и се одржува пред секои избори. Потпишувањето на оваа декларација ќе пренесе јасна порака до целата македонска јавност дека младите политичари како идни носители на одлуки, имаат силна волја и одлучност да бидат идни лидери и да создадат поинаква политичка култура, издигнувајќи го политичкиот дијалог на повисоко ниво, посочуваат организаторите.

Парламентарните избори ќе се одржат на 8 мај, среда, кога ќе се одржи и вториот круг на претседателските избори. Првиот круг за избор на претседател ќе се одржи исто така во среда на 24 април. Ова нема да бидат првите двојни избори во земјава. Во изминатите 15 години ги имаше и во 2009 – претседателски и локални, и во 2014 – претседателски и парламентарни.

Слични содржини