Според најновите податоци на веб-страницата на Централната изборна комисија на Косово, кои беа објавени во 6 часот утринава и по преброени над 88 отсто гласови, Движењето „Самоопределување“ на косовскиот премиер Албин Курти освоило 41,29 отсто од гласовите, пренесуваат косовските медиуми.
ДПК е втора со 21,83 отсто, ДЛК е трета со 17,75, а АБК е на четврто место со 7,68 отсто од гласовите. Коалицијата Листа за семејство добила 2,31 отсто.
Иако не е ни блиску до резултатите од пред четири години, Курти најавува дека по трет пат ќе биде премиер на Косово.
„Ние сме први и тоа е потврда за добро и демократско владеење што ја доведе земјата кон напредок. Народот победи, Самоопределување победи. На сите им е јасно дека оние кои завршија на второто и третото место немаше да работат добро како ние“, им рече Курти на приврзаниците кои доцна синоќа ја славеа победата.
Потребни се повеќе од 60 мандати за да се избере влада на Косово, а во 120-члениот парламент, 10 се загарантирани за српската заедница и малцинствата. Српската листа, која има поддршка од официјален Белград, објави дека ги добила сите десет мандати.
Во Косово вчера се одржаа редовни парламентарни избори. Право на глас имаа вкупно 2.075.868 гласачи, од кои 1.970.944 се на Косово, а 104.924 се од дијаспората. За 120 пратенички места се натпреваруваа 1.280 кандидати од 28 изборни листи.