Компанијата Samsung го претстави новиот Galaxy Note 9, кого го опиша како „најмоќниот и најнапреден смартфон во светот“. Уредот беше претставен пред публиката во Бруклин, Њу Јорк, од страна на претседателот на одделот за мобилни телефони на Samsung, Донг Џин Ко.

Овој хибрид помеѓу смартфон и таблет, често нарекуван „фаблет“ (phablet = phone + tablet), има помоќна батерија, подобра камера и повеќе внатрешна меморија од неговиот претходник. Најмоќната верзија со 512GB внатрешна меморија, комбинирана со екстерна меморија, може да достигне вкупна меморија од преку 1TB, што е повеќе од многу лаптопи кои се наоѓаат на пазарот во моментов.

Зборувајќи на сцената во Бруклин, Џин Ко го претстави овој уред како „најмоќниот смартфон во светот“.

„Го подигнавме стандардот за меморија, брзина, моќ и перформанси уште еднаш. Ова е смартфон кој никогаш нема да забави или пак да ве остави на цедило“, рече Џин Ко.

Однадвор Galaxy Note 9 изгледа исто како неговиот претходник Note 8, но внатре се наоѓаат подобрувањата и новитетите. Многу од измените веќе беа претставени пред да се одржи овој настан на кој официјално ќе биде претставен уредот, а една од нив е новата камера која е способна да „се адаптира како човечкото око“.

Слични содржини