(видео) Елон Маск најави имплант кој ќе им овозможи на слепите луѓе да гледаат

Имплантот Blindsight веќе функционира кај мајмуните. Резолуцијата на почетокот ќе биде ниска, како раната графика на Нинтендо, но на крај може да ја надмине нормалниот  човечки вид, рече Маск

од Бети Божиноска

Neuralink, стартап компанијата на еден од најбогатите луѓе во светот, сега може да се пофали со уште едно значајно достигнување. Елон Маск откри дека неговата компанија им овозможила на слепи мајмуни да гледаат користејќи специјална технологија на мозочни чипови, пренесува „Јуроњуз“.

„Имплантот Blindsight веќе функционира кај мајмуните. Резолуцијата на почетокот ќе биде ниска, како раната графика на Нинтендо, но на крај може да ја надмине нормалниот  човечки вид“, рече Маск и најави дека овој чип ќе имовозможи да гледаат на слепите луѓе и на оние кои не можат целосно да гледаат.

Маск нагласи дека „ниту еден мајмун не умрел ниту е сериозно повреден од овие уреди“. Тој особено ја истакна оваа поента, очигледно затоа што Neuralink се соочи со критики и од регулаторите и од групите за права на животните во врска со третманот со мајмуните кои се клучен дел од експерименталната работа на компанијата.

Покрај споменатиот имплант, особено внимание добива уште еден чип создаден во компанијата на Маск. Наречен „Телепатија“, чипот им овозможува на корисниците да ги контролираат компјутерите со својот ум.

Претходно во јануари, Маск објави дека пациент добро закрепнува откако му бил вграден чипот во мозокот, а подоцна изјави дека пациентот може да го движи курсорот на компјутерскиот глушец со својот ум.

Американскиот регулатор за лекови, Управата за храна и лекови (ФДА), ја одобри првата фаза на клиничко тестирање на компанијата во мај минатата година.

Вчера беше објавено видео од пациент, кој е парализиран од вратот надолу, како игра шах користејќи само контрола на умот. Постапката вклучува вметнување на 64 флексибилни нишки во делот од мозокот кој ја контролира намерата за движење. Конците се толку фини што мора да ги вгради робот. Тие потоа му овозможуваат на имплантот да снима и да пренесува мозочни сигнали до апликацијата, која потоа го декодира саканото движење. Имплантот се напојува од батерија која може да се полни безжично.

Слични содржини