Се очекува „X Money“, огранокот на социјалната платформа „X“, наскоро да ја доживее својата рана јавна премиера, во согласност со распоредот што го понуди Маск во март, а кој во својот извештај го објави „Блумберг њуз“. Корисниците кои први ја тестираа платформата споменаа погодности како што се повраток на пари (cash back) од 3% на квалификувани купувања и камата од 6% на штедењето, се додава во извештајот, со напомена дека таа бројка е околу 15 пати поголема од националниот просек во САД.
Маск тврди дека плаќањата се клучни за развојот на „супер-апликацијата“ слична на оние што се популарни во Кина. Тој во февруари им порача на вработените: „Сакаме да овозможиме, доколку го сакате тоа, да можете да го живеете својот живот на апликацијата X“.
Како што беше претходно најавено, „X Money“ е дизајниран да се поврзе со дебитни картички, да поддржува моментално финансирање преку услугата „Visa Direct“ и да им овозможи на корисниците да префрлаат пари помеѓу сметките и паричниците без да ја напуштат платформата.
Амбицијата, како што наведе Маск во претходните изјави, е да се покрие „целиот финансиски живот“ на корисникот, вклучувајќи ги плаќањата, состојбите на сметките и потенцијално инвестициските активности.
„Тој опсег подразбира дека X ќе биде конструкт кој ги брише границите меѓу категориите, спојувајќи ги елементите на дигиталните паричници, необанките и брокерските интерфејси“, пишува „PYMNTS“. „Тоа исто така ја менува улогата на социјалните платформи – тие повеќе нема само да влијаат врз трансакциите, туку во нив директно ќе посредуваат“.
Ако биде успешен, „Блумберг“ тврди дека „X Money“ ќе ги спои социјалните медиуми и финансиите на начин кој во САД претходно не е виден. Меѓутоа, моделот на супер-апликација сè уште не заживеал во Америка, а постојат неколку клучни, но нејасни детали за „X Money“:
Лиценци: На „X Money“ и понатаму му се потребни дозволи за платен промет во неколку држави, како Њујорк, каде што законодавците го доведоа во прашање тоа дали на Маск може да му се доверат парите на граѓаните.
Одржливост на каматата: Иако каматната стапка од 6% би ги надминала понудите на компаниите како што се „SoFi“ и „Block“, не е јасно дали таа бројка е трајна или е дел од краткорочна промоција.
Ричард Крон, основач на консултантската куќа „Crone Consulting“ и долгогодишен аналитичар на индустријата за плаќања, изјави дека е сомничав во поглед на успехот на „X Money“.
„Оваа визија ја вети пред повеќе од две години и рече дека ќе ја оствари во рок од една година“, рече Крон. „Ова би можело да биде премногу доцна и недоволно добро“.
Под претпоставка дека лансирањето ќе успее, „предизвик е да се докаже дека платформата изградена за конверзација може да функционира и како доверлив финансиски посредник“, пишува „PYMNTS“. „Таа разлика бара јасност за тоа како се управува со средствата и како корисниците можат да пристапат до својот парите во сите услови“.