Сарач: Турската политика кон Македонија нема да се промени без разлика кој ќе биде претседател

од Nikola Popovski
701 прегледи

По скромните почетоци, шефот на турската држава, Реџеп Таип Ердоган прерасна во политички џин, водејќи ја Турција во изминатите 20 години и трансформирајќи ја земјата повеќе од кој било друг лидер после Мустафа Кемал Ататурк, саканиот татко на модерната република. Сепак, неговите шанси да го продолжи своето владеење во третата деценија се под знак прашалник бидејќи Турција, како што тврди тамошната опозиција, лошо се справи и одговори на најразорниот земјотрес од 1999 година, како и големата инфлација што ја зафати земјата. Според последните официјални податоци, Ердоган освоил 49,40 отсто од гласовите, а кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу 44,96 отсто од гласовите, по што се поизвесно е дека ќе има втор решавачки круг. За турските политички актери, се гласаше и во Македонија. Вкупно 4 107 лица во Скопје во Амбасадата на Р Турција излегле да го дадат својот глас и од досега преброените гласови, може да се види дека лидерот на опозицијата води на изборите.

Околу тоа што би довел исходот од турските избори во земјава и како ќе влијае, „Локално“ поразговара со претседателот на Движењето за национално единство на Турците (ТМБХ) во Северна Македонија, Ердоган Сарач. Според него, Турција е братска и пријателска земја на Македонија и отсекогаш гаеле најдобри односи.

-Иако политичките односи се на највисоко ниво, економските односи не ги следат. За време на владеењето на поранешниот премиер Зоран Заев, дојде до стагнација на политичките односи со Турција бидејќи Македонија седна во скутот на Грција и про-западните земји. Тие блиски односи го запреа влијанието на Турција во Македонија. Сепак Турција остана пријателска на односите во Македонија. Официјална Анкара во земјава има над 4500 проекти и вложени над 180 милиони евра за подобрување на стандардот на учениците и јавните установи. Само братска земја може да направи вакво нешто. Не верувам дека Киличдароглу ќе победи бидејќи 20 години тој и неговите луѓе не воделе држава и немале искуство во меѓународните односи. Досега не покажале интерес за Турција или другите надвор од земјата. Генерално, турската политика кон Македонија нема да се промени, дециден е Сарач.

Соговорникот ги коментираше и резултатите во Македонија од турските избори, кои покажаа дека Киличдароглу победил со 188 гласови во однос на Ердоган.

-Овде поголем број ученици и студенти посетуваат настава и има доста турски фирми. Тие се од различна проминенција. Тие во никој случај не определуваат кој ќе биде победник во Турција, но забележливо е дека огромното мнозинство на Турција во Македонија се на страната на владеачката коалиција и Ердоган. Не би можел попрецизно да кажам, освен дека меѓу студентите кои студираат во земјава може да има различно размислување, истакна Сарач.

Во однос на изборните ден и излезноста, претседателот на Движењето за национално единство на Турците вели дека политичката култура на граѓаните на Турција е на највисоко ниво бидејќи 65 милиони луѓе излегоа на гласање и немаше ниту еден инцидент.

-Ова беше пример за целиот свет бидејќи излезноста е над 85% и немаше ниту еден инцидент, ниту приговор за начинот на изведување на изборите. Сите очекуваа дека во Турција нема демократија и дека ќе има проблеми, меѓутоа се покажа дека турскиот народ положи еден голем испит. Што се однесува до резултатите, има две крила. Волјата на народот е многу јасна – Турција не смее да застане и мора да оди напред и да биде јака и стабилна држава. Само стабилна држава е гаранција за сите од турскиот свет и сите оние кои имаат очекувања за развој на демократските процеси во земјата, посочува Сарач.

Додека дека лично очекувал претседателот на државата да биде избран во првиот круг, меѓутоа како што вели, разликата е многу мала.

-Бидејќи не се отворени уште половина проценти од гласовите од дијаспората, можни се измени и претседателот да има поддршка од 50% плус еден и со тоа да победи во вториот круг. Пораката на турскиот народ е јасна – Реџеп Таип Ердоган веројатно и во вториот круг убедливо ќе го победи својот противкандидат, порачува Сарач.

Н.П.

Слични содржини