Сарацин: Германската резолуција за Македонија поддржува важна бугарска позиција – воопшто не е антибугарска, туку проевропска

од Nikola Popovski
468 прегледи

Нема ништо ново во тоа што Сојузна Република Германија го признава постоењето на македонскиот јазик – тоа беше кажано и претходно. Ова беше линијата. Новото е што сега Бундестагот уште еднаш го потврдува овој став, изјавил специјалниот пратеник на германската влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин, во интервју за Дојче Веле на бугарски јазик.

Вели дека разбира како во моментов нема баш голем ентузијазам за резолуцијата во Бугарија.

-За мене оваа реакција е легитимна и сосема во ред, ја сфаќаме сосема сериозно. Второ, да потсетам дека и во минатото и сега, Германија отсекогаш била многу посветена на Бугарија, што ќе продолжи да го прави и во иднина. Јас сум многу, многу задоволен од успешниот пат што го следеше Бугарија од нејзиното пристапување во ЕУ. И јас сум цврсто убеден дека со присуството на Бугарија ЕУ е многу поцелосна, многу подобра унија. Горд сум на патот по кој тргна Бугарија и ќе продолжи да оди во иднина, укажува Сарацин.

Што се однесува до резолуцијата, тој вели дека таа има голем број различни аспекти.

-Сепак, најважно е следново: Германија сака да направи се што е потребно за успешно усвојување на измените во Уставот на Северна Македонија, кои го вклучуваат бугарското малцинство во овој устав. Ова е нашата цел. Оваа цел ја споделуваме со партиите и политичките сили во Бугарија, порачува специјалниот пратеник и додава:

-Ставот на Бугарија, дека измените во уставот треба да се спроведат уште пред почетокот на кластерските процедури, го потврдија и од Бундестагот. Односно, резолуцијата поддржува важна бугарска позиција за ова прашање. Сумирано: резолуцијата воопшто не е антибугарска, таа е едноставно проевропска, вели Сарацин во интервјуто.

Слични содржини