Сараево го сака Тито: Има еден град кој се гордее со своето партизанско наследство

Ук потсети дека главната улица во Сараево се уште го носи името на Маршалот Тито, а обидите да се смени тоа име и да се преименува во Алија Изетбеговиќ пропаднаа поради силното противење на јавноста.

од Бети Божиноска
1,4K прегледи

Посмртните останки на доживотниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, може да завршат во Сараево ако српските власти се обидат да ги преселат од Куќата на цвеќето во Белград, како што предложи градоначалникот Александар Шапиќ, пишува N1.

Премиерот на сараевскиот кантон, Нихад Ук, реагираше на предлогот на Шапиќ да го „избрка“ Тито од Белград, односно неговите посмртни останки да се преселат во Кумровец.

„Господине Шапиќ, ако навистина имате намера да ја спроведете вашата идеја да го турнете Белград уште подлабоко во националистичките фантазии во согласност со вашата идеологија, посмртните останки на Јосип Броз Тито нема да останат без дом,“ истакна тој.

Ук напиша на „Фејсбук“ дека Тито сигурно нема да остане без место кое би го прифатило бидејќи на територијата на поранешна Југославија постои град кој се гордее со своето партизанско наследство.

„Постои еден антифашистички град кој се гордее со наследството на партизаните и едно од најголемите антифашистички движења во Европа за време на Втората светска војна, но и со антифашистичкиот отпор кон болните идеологии од блиското минато, и кој гордо ќе го преземе наследството на Тито и ќе се грижи за него како што заслужува, а тоа е Сараево“, напиша Ук, кој е член на Нашата партија (НС), дел од владејачката коалиција во Босна и Херцеговина.

Тој потсети дека главната улица во Сараево се уште го носи името на Маршалот Тито. Обидите да се смени тоа име и да се преименува во Алија Изетбеговиќ пропаднаа поради силното противење на јавноста.

„Сараево нема причина да се срами од своето минато. Поздрав од Титовата улица до Белград“, напиша Ук на крајот од пораката до Шапиќ.

Слични содржини