Сочувани се македонскиот јазик и македонскиот идентитет со францускиот предлог за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, вели германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин кој денеска е во Скопје.
Целата сојузна влада на Германија и јас лично, порача тој, се залагаме европската перспектива на Западен Балкан активно да живее. Северна Македонија, според него, во следните денови би можела да даде значаен придонес за целата оваа перспектива да заживее со прифаќање на предлогот.
„Кога видов што стои во последниот документ, како што јас го читам, тој е навистина компромис и уште еднаш тука се земени предвид барањата на владата на Северна Македонија и мислам дека тоа е знак дека Европа може да функционира тука. Еден компромис никогаш не е перфектен, мислам дека сите страни гледаат на тоа така, но овој предлог предвидува процесот на пристапни преговори да започне веднаш по прифаќањето на овој договор без понатамошни одолговлекувања и без можности за блокади. Северна Македонија може конечно да ги започне пристапните преговори за кои се работеше тука 17 години“,рече Сарацин.