Тренерот Маурицио Сари повторно ќе го преземе Лацио, една година откако го напушти тимот од Рим, објави италијанската новинска агенција Аднкронос, повикувајќи се на спортскиот директор на клубот, Анџело Фабијани.
Поранешниот тренер на Челси и Јувентус веќе потпиша двегодишен договор со Лацио, со можност за продолжување за уште една година.
Сари го напушти Лацио во март 2024 година по речиси три години на чело на Римјаните. Тимот заврши на седмото место во Серија А во сезоната 2023-24, откако заврши втор во првенството во претходната сезона. Под водство на Сари, тимот имаше биланс од 65 победи, 34 порази и 27 нерешени.
Минатата сезона, Лацио повторно заврши на седмото место, а сегашниот тренер Марко Барони ја напушти својата функција во петокот.