Саркози пред суд: Не направив ништо лошо

од Nikola Popovski

Поранешниот француски претседател Никола Саркози ја негираше денес вината на рочиштето во врска со обвинувањата за незаконско финансирање на неговата изборна кампања во 2012 година, велејќи дека трошоците не се негова одговорност.

Од моите претходници никогаш не се очекуваше да ги проучуваат сметките за кампањата, рече Саркози пред судот во Париз, пренесе Танјуг.

„Можете ли да замислите да одам на состанок да разговарам за трошоците на знамињата? Не би издржал ни две минути. Имав премногу работа“, рече Саркози.

Обвинителството тврди дека конзервативната партија на Саркози потрошила скоро двојно повеќе екстравагантни предизборни митинзи во однос на дозволените 22,5 милиони евра според францускиот изборен закон, а потоа ангажирала пријателска агенција за односи со јавноста за да ги скрие трошоците.

Саркози пред судот рече дека не бил вклучен во логистиката на неговата кампања како претседател, ниту во тоа како се трошеле пари за време на изборната кампања.

„Дали имав намера да направам измама, да направам грешка? Дали бев невнимателен? Неодговорен? Мојот одговор е најформално „не“ на сите“, рече тој.

Поранешниот претседател на Франција (66) рече дека е одговорен за политичката насока на неговата кампања, но не и за организирање митинзи, предизборен материјал и плаќање сметки.

Саркози, кој беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година, се соочува со казна затвор од една година и парична казна од 3.750 евра доколку биде осуден.

Слични содржини