Најновите сателитски снимки на Maxar го прикажуваат Змискиот остров од воздух. На фотографиите се гледа уништувањето, кое најверојатно е последица од ракетен напад на руско десантно летало, а се гледа и чад.
Фотографиите беа објавени на 12 мај и прикажуваат уништени згради, веројатно возила за противвоздушна одбрана Панцир, уништен хеликоптер, кој ѝ припаѓа на Украина.
Да потсетиме, украинските сили го оштетија логистичкиот брод на руската морнарица во Црното Море во близина на Змискиот остров „Всеволод Бобров“ кој се запали, изјави за „Ројтерс“ портпаролот на воените сили во Одеса.
Тоа е остров кој се наоѓа на 48 километри од украинскиот брег. Змискиот остров стана симбол на украинскиот отпор откако на виделина излезе снимка од радио повик од самиот почеток на војната, на која украинските војници одговараат со пцости на барањата на Русите од крстосувачот Москва да се предадат. Украинските војници кои тогаш го бранеа Змискиот остров беа заробени, но подоцна беа ослободени како дел од размена на затвореници. Воениот брод Москва – главниот брод на руската флота во Црното Море – подоцна беше погоден од украинска ракета и потона додека се одвлекувал кон пристаништето.