Советот за безбедност на ОН утре веројатно ќе гласа за предлог-резолуција, со која ќе се инсистира дека одлуките за статусот на Ерусалим немаат правен ефект и мора да бидат поништени, изјавија неименувани дипломати.
Гласањето се очекува поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим како главен град на Израел.
Во предлог-резолуцијата, која е подготвена од Египет и напишана на една страница, не се споменуваат ниту САД, ниту Трамп.
Во тој документ „се потврдува дека сите одлуки и акции, чија намера е да се измени карактерот, статусот или демографскиот состав на светиот град Ерусалим, немаат правен ефект, ништовни се и неважечки и мора да се поништат согласно релевантните резолуции на Советот за безбедност“.
Исто така, се повикуваат сите земји да се воздржат од формирање дипломатски мисии во Ерусалим, согласно резолуцијата 478 на СБ на ОН. Предлогот има широка поддршка, но веројатно САД ќе стават вето.
За усвојување на резолуцијата се потребни девет гласови „за“ и да не биде прифатено вето на ниту една од петте постојани членки на СБ на ОН, односно САД, Франција, Британија, Русија и Кина