Општинската организација СДСМ-Гевгелија обвинува дека веќе петти ден од алармираната состојба за излеани води од канализациониот систем на Мрзенци во близина на бунарите за водоснабдување на Гевгелија, а ЈПКД „Комуналец“ без никаква интервенција.
-Еколошката неодговорност на ДПМНЕ загрижува. Јавното претпријатие за комунални дејности во општината, која се рекламира дека на барањата на граѓаните постапува за 24 часа, преку „Системот 24/7“ и денеска не излезе на терен да ја санира состојбата. Просторот со излеаните фекални води веќе формира поголема бара и мала река на површината од местото каде се наоѓа канализационата мрежа на Мрзенци, оддалечена само 200-300 метри од бунарите за водоснабдување на Гевгелија, Мрзенци, Богородица, Моин, Горничет, Стојаково и Селемлија, стои во соопштението.
СДСМ-Гевгелија бара од надлежните да излезат на терен и да ја санираат состојбата со канализационата мрежа која во сегашната состојба, оставена и заборавена, може да биде сериозна еколошка „бомба“ за бунарите и водоводниот систем на Гевгелија.
-Спречете ја можната еколошка катастрофа со мешање на канализациони фекални води со бунарските води за водоснабдување на Гевгелија, истакнаа од општинската организација.