СДСМ бара да се објават сметките со кои ќе се потврди дека Мицкоски приватно го платил патувањето на синот во Вашингтон

од Nikola Popovski
254 прегледи

СДСМ го обвинува премиерот Христијан Мицкоски дека се крие и не одговара на прашањата во однос на патувањето на неговиот син во Вашнгтон како дел од делегацијата на Владата која беше на Самитот на НАТО. Најголемата опозициска партија бара да се објават сметките со кои тврди дека премиерот приватно го платил патувањето на синот.

СДСМ посочува дека „ова е типичен пример за лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ – едно зборуваат друго прават“.

-ВМРО-ДПМНЕ ја крие и листата на делегацијата од преку 20 луѓе кои патувале во САД, очигледно една од причините е синот на Мицкоски. СДСМ ќе поднесе барање за пристап до информации од јавен карактер, да се види листата и да се дознае вистината, стои во партиското соопштение.

Од МНР ги отфрлаат тврдењата изнесени од СДСМ. Велат дека за патувањето на Јован Мицкоски не се потрешени средства од Буџетот.

-Делегацијата на Самитот на НАТО беше точно определена од страна на Алијансата и таа броеше вкупно 21 член, согласно протоколите на НАТО. Притоа, потенцираме дека Јован Мицкоски, синот на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски не беше еден од членовите на делегацијата, иако претседателот Мицкоски имаше покана за придружба од член на семејството, се вели во соопштението испратено од МНР.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека иако Мицкоски има право на придружен член на делегација, патувањето на неговиот син државата не ја чини ништо, односно сите трошоци се подмирени приватно од семејството на премиерот.

-За разлика од времето кога премиерот на СДС Ковачевски ги донесе децата како членови на официјална делегација. Ако делегацијата сакала да сокрие нешто сигурно немаше да има фотографии од истата. Напротив се е транспарентно, стои меѓу другото во партиското соопштение.

Минатата година тогашниот премиер Димитар Ковачевски на патување во САД беше придружуван од сопругата и двете деца. Ковачевски тогаш рече дека трошоците за патувањето на неговите деца не биле на товар на државниот буџет и додаде дека е подготвен да поднесе и копии од сметките. За сопругата рече дека го придружува на патувањата за кои има покана, а таков бил случајот со посетата на САД.

Слични содржини