Владата воведува маржи кои најпрвин се задоцнети, а второ се однапред најавени со кои им дозволува на маркетите и трговците дополнително да ги зголемат цените, за потоа да не го почувствуваат замрзнувањето. Една мерка нема да даде никаков ефект. Затоа како одговорна партија ќе предложиме сет на мерки, рече денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција по одлуката за маржи од 10% која денеска треба да биде усвоена на седница на Владата.
Смета дека со оваа мерка нема да има никаков ефект кој граѓаните би го почувствувале. Вели ваков финансиски удар досега немало во изминатите години, а не била толку лоша финансиската состојба и инфлацијата не била толку висока.
Како што кажа Филипче, како партија најавуваат седум мерки за олеснување на животот на граѓаните, како што се намалување на ДДВ на електричната енергија од 18 на 5%, намалување на ДДВ на основните прехранбени производи, замрзнување на цените на основните производи во следните три месеци, фиксирање на маржите на основните производи, итно спроведување на Законот за нефер трговски практики, намалување на цената на зелениот картон на автомобилите и зголемување на платите во приватниот сектор со замрзнување на придонесите.
Според лидерот на СДСМ, преку овие мерки ќе им се помогне на граѓаните во секојдневниот живот.