СДСМ бара од Мицкоски да нареди истрага за потеклото на парите на Јанушев

од Nikola Popovski
99 прегледи

СДСМ обвинува дека трет ден по ред, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев не се огласува во јавноста по повод подарокот што лани го добил во вредност од 325.000 евра, во вид на градежно земјиште.

-Граѓаните се огорчени и потценети од ова скандалозно однесување на Јанушев и потценување на нивната интелигенција. Повеќе од јасно е дека станува збор за пари стекнати на нелегален начин кои сега се обидува преку наводни подароци да ги озакони. Игор Јанушев мора одма да биде разрешен од функцијата, порачуваат од партијата во опозиција.

Од СДСМ му порачаа на премиерот Христијан Мицкоски дека ова му е шанса да докаже како се бори против криминал и корупција.

-Одма да нареди истрага за потеклото на парите на неговиот секретар и да го обели образот на оваа Влада. Мицкоски и неговата Влада за само 30 дена докажаа дека ќе бидат најлошата Влада која сме ја имале, соопштија меѓу другото од партијата на Венко Филипче.

Јанушев пријавил дека во 2023 година врз основа на договор за подарок се стекнал со градежно земјиште од 165 м2 во општина Центар. Според најновиот анкетен лист за имотната состојба, доставен до ДКСК, вредноста на земјиштето е 20 милиони денари или 325 илјади евра и е наменето како А2-2 станбено-деловна зграда.

Поранешниот пратеник и екс-директор на ЈСП, Скопје, Јанушев на крајот од минатата година купил возило „Lexus“ во вредност од 15.000 евра со датум на производство во 2013 година. Владиниот секретар пријавил и една трансакциска сметка и две кредитни картички.

Во септември минатата година беше неправосилно осуден на две години затвор за случајот „Дизајн“ кој се однесува на набавката на кинеските автобуси за јавниот превоз во Скопје во 2010 година. Изрекувањето на пресудата падна во сенка на измените на Кривичниот законик. Повисокиот апелациски суд ја поништи првостепената пресуда, што автоматски значеше и политичка рехабилитација на Јанушев.

Слични содржини