Поразителни се последните податоци, за само еден месец, синдикалната кошничка е поскапена за 1.217 денари. Само за храна и пијалоци, трошоците се зголемени за 954 денари. Денес, на едно четиричлено семејство му требаат речиси 64.000 денари месечно – само за преживување, соопштија утрово од СДСМ.
Според партијата, ова е директна последица на неспособноста на власта која не презема ништо, односно, како што велат, дебакл на економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
СДСМ бара веднаш владата да ги прифати мерките за покачување на минимална плата на 500 евра, зголемување на платите во јавниот и приватниот сектор и укинување на ДДВ за храна за реално намалување на цените.
-СДСМ останува на страната на граѓаните. Ќе се бориме за достоинствен живот, за реални плати и економија што работи за народот, а не за министрите, стои во партиското соопштение.
Пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија покажуваат дека на месечно ниво трошоците за храна и пијалаци се повисоки за безмалку илјада денари. Конкретно, за 954 денари. Во мај изнесуваат 22.434 денари. Оттаму и укажувањето од ССМ дека откако истече рокот на владините мерки за ограничување на цените и на маржите дополнително се влошила положбата на работниците, особено на оние со ниски примања.