Буџетот за 2023 година е во насока на надминување на предизвиците од глобалната економска и енергетска криза, за што се предвидени 250 милиони евра, изјави денеска пратеничката на СДСМ, Даниела Колева.
Според неа, со Буџетот се обезбедени дополнителни средства за усогласување на платите со минималната плата во текот на следната година, согласно новата методологија.
-Тоа значи дека веќе во март следната година ќе имаме ново зголемување на минималната плата и ново покачување на пензиите. Во Буџетот не се занемарени ниту капиталните проекти кои се на ниво од близу 800 милиони евра, односно се за околу 52,3% повисоки во однос на проекцијата за 2022 година. Буџетот за 2023 е развоен и обезбедува услови за зголемен економски раст, кој во следната година според проекциите на ЕБОР треба да изнесува 2.3 отсто, што е повеќе во однос на проекциите за растот во земјите од еврозоната кој исто така според ЕБОР е проектиран на 0,3 отсто, рече Колева и ги повика сите пратеници низ конструктивна и аргументирана дебата да го поддржат Буџетот.