СДСM: Дали подарениот имот на Јанушев влече корени од 2010 кога се набавија кинеските автобуси?

од Nikola Popovski
36 прегледи

Панче Тошковски и Игор Јанушев имаат станови во подарениот имот на генсекот на Владата вреден 325.000 евра, обвинуваат социјалдемократите. Објавувајќи фотографии од зграда во строгиот центар на главниот град, портпаролката Богданка Кузеска вчера посочи дека министерот за внатрешни во неа поседува стан од 146 метри квадратни и деловни простории од 46 метри квадратни со пазарна вредност од над 400.000 евра.

Од опозицската партија денеска порачаа дека Јанушев самиот се закопа.

-Прво рече дека имало погрешни внесени податоци во неговиот анкетен лист кои ги корегирал, а потоа дека намерно оставил јавноста да се „излизга“, велат од СДСМ, додавајќи „зошто пет дена молчеше и не кажа за наводно случајно погрешните податоци“.

-Што е ова освен директно признание на Јанушев дека намерно внесувал погрешни податоци? Ако намерно внел погрешни податоци дека подарениот имот му е земјиште со вредност од 325.000 евра, што сакал Јанушев да скрие? Дали сакал да го скрие поклонетиот стан или пак некаква скриена бизнис шема која довела до тоа да му биде поклонет имот во вредност од 325.000 евра? Денес откриваме чекор понатаму во оваа афера и прашуваме: Дали поклонетиот имот и парцелатата на којашто се наоѓа зградата во која има имот и Тошковски, влече корени уште од 2010 година, во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ? Тоа е годината кога се случила и криминалната набавка на кинеските автобуси за кои беше осуден Јанушев. Како е дојдено до оваа парцела, каква била постапката за во зградата баш и Јанушев и Тошковски да имаат огромни станови, се вели во соопштението од СДСМ.

На обвинувањата реагираше Јанушев. Не постои никакво подарено земјиште.

-Има погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од моја страна. Истиот имот кој во моментов го поседувам, го поседував и во минатото и доколку било што беше проблематично владата на СДС и ДУИ имаше и повеќе од доволно време да постапува, вели во реакцијата Јанушев.

-7 години бандитите на ДУИ и СДС беа на власт. 7 години водеа политички процес и хајка врз мене и тоа за непостоечки случај за набавка на автобуси, и кога можеа за тоа да водат случај, што мислите колку пати ќе бев затворен доколку е вистина она што сега го говорат?, стои во реакцијата на генсекот Јанушев.

И министерот Тошковски ги демантираше изнесените наводи од Кузеска. Уверува дека на 4-ти јули годинава до ДКСК поднесол изјава за имотна состојба за што сподели линк

-Одговорно тврдам дека надвор од она што е наведено во изјавата за имотната состојба не поседувам ништо друго. Ги повикувам институциите детално да го проверат мојот имот, но и имотот на секој актуелен и поранешен функционер, особено на оние кои целиот свој живот се на товар на државниот буџет, напиша министерот на својот Фејсбук-профил.

Тошковски посочи дека е време вистината да излезе на виделина.

Слични содржини