Скандалот со лажните анкети и документите од оперативниот план на ДПМНЕ отвораат уште еден аспект, директно поврзан со изборниот процес. Претседателот на ДИК, Александар Даштевски е наведен како задолжено лице, заедно со други лица, за неопределени гласачи, обезбедување избирачки список, изјави денеска пратеничката на СДСМ, Даниела Николова.
Согласно сите законски прописи, додава таа, претседател на ДИК не може и не смее да учествува во партиски активности, а никако нема право да се меша во предизборни активности на било која партија.
-Ова е основано сомневање и за кривично дело. Очекуваме одговори од Даштевски, кажа Николова.
Со недели се објавуваа анкети чија автентичност ја спори оној кој заостанува во нив, додека партиските лидери паралелно прогласуваа сигурна изборна победа. Последниот таков пример е со анкетите на ИПИС презентирани на МРТ, за кои како што тврди опозицијата, се лажни и се лиферувани од партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Откако новинарот Фуркан Салиу излезе со сторија за Оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ каде се гледа како партијата спроведувала оперативен план, меѓу другото и за креирање на лажни вести, со документи излезе и владеачката СДСМ. Побараа од надлежните институции да ги истражат како што рекоа „основаните сомневања за бројни злоупотреби“.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека документот кој го објави СДСМ е фалсификат. Најавија тужба за клевета.
-Потписите на документот се целосно измислени и не кореспондираат со реалните. Иако видовме дека за СДС е нормално да го погрешат презимето на нивниот лидер Ковачевски веројатно разумно и логично е ВМРО-ДПМНЕ да си ги препознава луѓето и потписите од својата партија, нешто што не е случај и во посочениот и измислен документ, што само кажува кој е изворот на веста. Сметаме дека изворот на ваквите информации се од кујната на СДС кои очајнички прибегнуваат кон дезинформации, фалсификуваат документи соочени со претстојниот пораз, рекоа меѓу другото од партијата на Христијан Мицкоски.
Уредувачкиот колегиум на Македонската радио-телевизија порача дека во нивните анкети се вклучени две реномирани агенции чии сопственици се Арсовски и Божиновски, а оти во емисијата гостуваат реномирани гости од општествено-политичкиот живот во земјава. Нагласуваат дека за ваквите партиско-политички притисоци и обиди за подривање на кредибилитетот на МРТ ќе бидат известени сите домашни и меѓународни медиумски организации како и амбасадите и Мисијата на ОБСЕ.
-МТВ во никој случај нема да влезе во дневно политичка пресметка на партиите во овој предизборен период. Уште еднаш апелираме политичките партии да престанат да вршат притисок кон јавниот сервис. Секое намерно и неосновано поткопување на довербата на граѓаните во јавните институции по дефиниција е штетен наратив. Во тој контекст, штетните наративи кон јавниот сервис растат во изборниот период, посочуваат од Македонската радио-телевизија.